За голем дел од претприемачите, мерката ослободување од придонеси е добра владина одлука
Дел од компаниите се задоволни од мерката за ослободување за придонесите од плата за 2024 година, која е дел од деветтиот пакет антикризни мерки донесени од Владата.
Според мерката, секоја компанија која ќе се одлучи да ја зголеми платата на вработените меѓу 3.000 и 9.000 денари, а да не ја надминува просечната плата, а ќе треба да плати само данок на личен доход. Оваа мерка ќе трае во текот на цела 2024 година.
Во разговор со претставници на компаниите кои продаваат бела техника, велат дека тие ќе ја искористат оваа мерка, бидејќи основната плата на тие работници е нешто повисока од минималната плата. Сметаат дека ова е единствена мерка која ќе придонесе за раст на стандардот на вработените.
Според нив, ова мерка која наликува на мерките од Ковид пандемијата, кога се субвенционираа придонесите и се покажале како добра практика.
Од компаниите од секторот на увоз и извоз, исто така велат дека оваа мерка сигурно ќе ја искористат, посебно за ниско квалификуваниот кадар кој сега работи за минимална плата.
Во разговор со компаниите од секторот за продажба на мало, тие сметаат дека оваа мерка е добра. Најавуваат дека ќе искористат можности за покачување на платите, посебно на помошниот сектор и вработените во маркетите. Тие сметаат и дека сега вработените земаат многу повеќе од минималната плата, но со оваа мерка сигурно ќе придонесат за поголемо задоволство кај вработените.
Оваа мерка и тоа како ќе помогне во текстилниот сектор, велат дел од сопствениците на компании кои се занимаваат со производство на текстилни производи. Иако веќе дел од нив на вработените им даваат добри плати за македонски услови, сепак сметаат дека со оваа мерка има можност да се покачат платите, па дури и да ја достигнат просечната плата во Македонија.
Од другите сектори добивме информација дека тие ги разгледале пакет мерките. Не би користеле премногу од мерката за субвенционирање на придонеси, но за нив се интересни другите мерки.
Велат дека до средината на декември ќе прават пресметки и ќе одлучат која мерка ќе ја искористат.
Сите се едногласни дека пакетот е добар, но малку задоцнет. Можеби би било подобро, според нив истиот да бил донесен некаде во октомври, а мерките да почнале со важност од ноември.
Дума.мк/Извор:24 Инфо.мк