Заев: Три години од потписот кој ја одблокира евроатлантската интеграција на С. Македонија
Три години од потписот кој направи историски пресврт во македонско-грчките односи и ја одблокира евроатлантската интеграција на Северна Македонија. После три години од склучувањето на „Договорот од Преспа“, се одржа Преспа-форумот за дијалог, објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.
Според него, покажавме дека е можна промена.
-Од заробена држава, станавме современ пример кој сите го нарекуваат успешна приказна. Му дадовме на светот нов Балкан. Европски. Балкан кој има намери и капацитети да биде слободен, поврзан, еднаков вреден и еднакво важен дел од напредниот свет. Денес ги собираме плодовите од решениот спор. Сега имаме исклучително добри односи со Грција и сериозно подобрена билатералната соработка, додава Заев.
Тој додава дека заедничката определба за да воспостават пријателска атмосфера со неговиот пријател Ципрас, се покажа дека кога се кршат стереотипите се создaва енергија за нови модели на однесување и односи меѓу државите и политичарите.
-Така прават пријателите, насочени кон решение, кон компромис. Балканот може, Балканот испорачува, Балканот е новата надеж на Европа, Балканот е Европа. Ние денеска, врз основа на нашето искуство од патот до Преспа и до договорот со Грција, слободно можеме да го кажеме тоа со потполно право. Ние сме Европа, повеќе од кога било, стои во објавата на премиерот.