Започна скијачката сезона на Попова Шапка, најавените капитални инвестиции се уште ги нема
По врнежите од снег изминатиов викенд, утринава започна скијачката сезона на Попова Шапка. Неколку ски лифтови се пуштени, првите туристи веќе се скијаат на патеките.
-Со големо задоволство ве известуваме дека Ски-центарот „Попова Шапка“ официјално ја започна ски-сезоната. Во функција се ски-лифтовите “Поток”, “Аеродром”, “Ге”, како и двоседот “Св.Илија”. По повод отворањето на скијачката сезона, цената на ски билетите е 700 денари за сите категории. Воедно ве информираме дека сезонските ски билети можат да се подигнат во “Ски Центар Попова Шапка” во билетара број 2, секој работен ден од 09 до 15 часот. За да ги подигнете истите потребен ви е документ за лична идентификација, велат од Скијачкиот центар Попова Шапка.
ผลบอลสดИ оваа скијачка сезона Попова Шапка ќе работи со истиот капацитет на ски лифтови и паркиралишта. Со оглед на зголемениот интерес на туристите за центарот се работи за мал капацитет како на ски патеки така и на паркинг места.
-Ветија дека изминатава пролет со инвестиции ќе започне италијанската компанија „Техно Алпин“, со која владата потпиша договор, но гледаме центарот е ист како и изминативе години. Пак премалку паркинг места, нема нови ски лифтови, вели еден скијач од Скопје.
-Најважно за центарот е да има инсталација со вештачки снег. Да ја имаше таа инвестиција, на Попова Шапка на почетокот од месецов ќе започнеше сезоната, имаше ниски температури, малку снегче природно, но недостасуваше само вештачкиот снег. Без него не можеме да бидеме конкурентни како ски центар, климатските промени си го прават своетo, додава друг скијач од Тетово.
Министерката за животна средина Каја Шукова при недамнешната посета на Општина Тетово, изјави дека процесот кон конечен договор за капитални инвестици на Попова Шапка од страна на италијанската компанија Техно Алпин оди во добра насока.
-Се надевам дека се исполнети условите кои треба инвеститорот да ги обезбеди, за да може Владата и Собранието да го одобри сето тоа. Ова е процес и мора да помине подолго време. Се собираат мислења од ресорни министерства, треба да се видат повеќе аспекти, економскиот, еколошкиот, социјалниот, не е едноставно. Мислам дека е при крај и ќе се види дали инвеститорот ги исполнил условите и дали треба да се склучи договор за стратешка инвестиција која би поминала во Владата а потоа и Собранието. Од наша страна се исполнети условите, изјави Министерката за животна средина Каја Шукова.
Во најавениот инвестициски план пишува дека италијанската компанија ќе инвестира на Попова Шапка во инсталација во вештачки снег, изградба на 600 нови паркинг места, две нови скијачки патеки, изградба на два хотела, како и две нови жичарници со шест и осум седишта.
Дума.мк