Здруженијата на новинари на Македонија и Косово со заедничка иницијатива за соработка
Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Здружението на новинари на Косово (АГК) на 27ми мај одржале работен состанок на кој се разговарало за состојбата на новинарите како и медиумите во двете земји.
Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ пред дваесетина колешки и колеги од разни медиуми од Косово ги претставил тековните проекти и залагања на ЗНМ во насока на подобрување на солидарноста на фелата но и заштита на правата на новинарите во Македонија кога тие се под закана. Една од формите на подобрување на соработката помеѓу новинарите но и унапредување на нивните знаења е преку активностите на тематските секции на ЗНМ во Скопје но и во другите градови, истакна Секуловски.
Џемаил Реџа, претседател на одборот на Здружението на новинари на Косово, говорел за состојбата со правата на новинарите но и предизвиците кои ги имаат медиумите во нивниот локален контекст. Тој истакнал дека ваквите колаборативни посети во соседните земји и размена на искуства и знаења позитивно влијаат на комуникацијата и идната соработка помеѓу новинарите во целиот регион.
На оваа работна средба било разговарано за можноста да се организираат слични студиски посети на новинарите во земјите од Западен Балкан на теми кои ќе бидат од интерес на новинарите но посебно во насока на заедничко унапредување на професионалните стандарди споделување на информации за успешни примери од работата на новинарите и медиумите. Присутните дебатираа за предизвиците со дезинформациите во регионот, безбедноста на новинарите и за модели за финансирање на медиуми.
Оваа посета била дел од активностите на АГК во соработка со Академијата за информативен интегритет на новинарите и предвидува посета на група на млади новинари на неколку медиумски организации но и медиуми во Скопје.