Ново дрво кое ќе се најде на македонските ниви!
Станува збор за растение наречено Пауловнија. Потекнува од Кина, а првите обиди покажуваат одлични резултати и за одгледување во Македонија.
Скоро една година го има на нашите ниви. Стручњаците за неговите карактеристики велат дека расте еден метар за еден месец, а само за 7-8 години прави еден кубик дрвна маса, што е неспоредливо со другите дрвја на кои за да достигнат стадиум на потполна зрелост потребни им се во просек по 35 години.
Како важна карактеристика се издвојува и тоа што е погодно за засадување на ерозивни терени, а поради брзото растење одлично е за обновување на опожарени површини. Се запалува при двојно повисока температура, односно на околу 400 степени Целзиусови ако се споредува со чамот. Станува збор за таканаречен брзорастечки вид дрво кое традиционално се одгледува не само во Азија, туку и во САД и Европа.
“Пауловнијата може да се засадува и на не многу квалитетни и песочни почви. Нема големи трошоци во одгледувањето, а после секое сечење на стеблото кое се врши најчесто во седмата или во осмата година, самото се регенерира. Коренот живее околу 70 години и може да издржи околу 8 до 9 производни циклуси, секој во просек по осум години“ објаснува проф д-р Ристо Вучков.
Она што е познато е дека од дрвото од пауловнијата се изработуваат и музички инструменти, а во светот е познато и како дрво кое претставува бели дробови со голем капацитет за градовите.
Дрвото нема чворови и затоа е идеално за дрвната индустрија, особено за производство на мебел. Тоа еластично дрво кое лесно се витка. Просечната тежина на еден кубен метар е околу 300 килограми. Поради високиот квалитет и малата тежина граѓата од пауловнија се користи во индустријата за производство на бродови, во авиоиндустријата. Голема е неговата примена во изградбата на концертни сали и музички студија.
Пауловнијата има високо количество на танин и затоа стеблото не го напаѓаат термити и други инсекти. Милијардите воздушни пори го прават исклучително добар топлотен и звучен изолатор, неспоредливо подобар од кој било друг дрвен материјал. Ваквата особина на пауловнијата е од исклучително значење за изработка на сауни, подови и ламперии. Ова дрво тешко апсорбира вода и затоа е идеално и економично за обработка и лакирање. Изложена на атмосферски влијанија пауловнијата не се деформира и не ги менува своите димензии. Поради ова таа е малку подложна на гниење. Цветовите од пауловнијата се вистински мгнет за пчелите, а лисјата се користат за исхрана на домашните животни. Имаат хранлива вредност скоро колку и луцерката.
Во Кина ова егзотично дрво се одгледува на површина од над 2,5 милиони хектари. На 1.3 милиони хектари се практикува комбинирано одгледување, односно меѓу редовите со пауловнија се одгледуваат и голем број земјоделски култури како што се памук, пченка, чај и друго.
