Лозарите на протест ќе одлучуваат за “Винеа“!
Лозарите од тиквешко денеска ќе излезат на протест на кој треба да одлучат дали ќе ја одобрат или спречат продажбата на винарската визба “Винеа“ од Росоман.
Сите производители на грозје на кои оваа винарија им должи за грозјето од 2009 и 2010 година ќе се соберат пред канцеларијата на извршителот Љупчо Јованов во Кавадарци, каде ќе го искажат своето размислување за евентуална продажба на визбата и на тој начин да дојдат до своите пари.
“Агротиквешија постојано ги следи случувањата со сите винарии кои сеуште не си го подмириле долгот кон лозарите. Еве денеска тие го имаат главниот збор дали ја подржуваат продажбата на Винеа или не. Тие ќе си кажат, за да не кажуваме ние во нивно име. Нашите информации говорат дека визбата имала во залиха околу 600 тони вино. Сметаме дека тоа е мала количина и не верувам дека со продажбата само на виното да се подмират долговите кон производителите“ рече Љупчо Аризанов, претседател на “Агротиквешија“.
Тој нагласи дека се наближува рокот за исплата на грозјето и од минатогодишната реколта и дека сојузот на лозарите е во постојан контакт со Министерството и визбите.
