Земјоделците не покажуваат голем интерес за осигурување на површините!

Објавено на 31 март, 2013 во 10:39

Македонските земјоделци немаат навика за осигурување на земјоделските посеви. Ниту два отсто од оние кои се регистрирале како земјоделци ги немаат регистрирано земјоделските површини. Осигурителни полиси имаат околу 1500 земјоделци од вкупно регистрираните 100.000.

Ваквите бројки се загрижувачки и според познавачите главно резултат на недоволната совесност и финансиска немоќ на земјоделците, но и нефлексибилноста на осигурителните компании во земјата, пренесува Дојче Веле.

„На земјоделците им е проблем да купат осигурителна полиса, бидејќи осигурувањето не ги покрива сите штети. На пример од град и поплави се надоместува штета. Но од пожари, смрзнување или пак од суша, премиите не важат. Субвенциите од Владата се поддршка, но тие важат само до 10 хектари вкупна земјоделска површина, односно во зависност од посевот. На пример кај лозјата таа се исплаќа до пет хектари. Земјоделците се свесни дека ризикуваат, но проблемот е што нема понуда за осигурување од секакви појави, што би било еден вид гаранција за нивните посеви и култури“, смета претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.

И претседателот на Сојузот на земјоделци  Вељо Тантаров го дели истото мислење. Освен што полисите не покриваат штети од мразови, суша и пожари, проблем според него е и постапката при утврдување на штетите:

„Осигурителните компании си играат со судбината на земјоделците. Државата учествува со субвенции, но проблем е што кога има штети, земјоделците не учествуваат во процесот на нивно утврдување. Штетата и количината на планираниот род ја утврдуваат проценителите, која е помала од реално насадената. Осигурителите однапред го диктираат приносот. Искуствата се далеку од оние во европските земји. Затоа мислам дека е крајно време експертите за осигурување и оние од аграрот да седнат на заедничка маса и да ги расчистат отворените прашања“, смета Тантаров.

Од агенцијата за супервизија на осигурувањето, вината за ваквата состојба ја лоцираат и во Државата во 2009 година воведе и субвенции за осигурување и се покрива 60% од премијата за површини  кои се различно ограничени. Кај лозови насади до 5 хектари, градинарски до 2 хектари, тутун до еден, житни култури до 10 хектари. Во зависност од културите, цената за осигурување од хектар се движи од 178денари за тутун, до 918 денари за житни култури. Според податоците на осигурителните компании, најголем дел продадени полиси има во регионот на Кавадарци и Неготино, за лозови насади, односно во Свети Николе за житарици и Ресен за јаболка.

извор: Дојче Веле

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.