Високи казни за земјоделците кои ќе користат тешки отрови во заштитата на растенијата!
Измените на законите за заштита на растенијата и за саден и семенски материјал кои се на сила од средината на овој месец обврзуваат секој земјоделец да води евиденција за препаратите со кои ги третира растенијата и да запишува во кој период и со која доза истите ги прска.
Доколку, пак, се појават некои болести и штетници на растенијата на нивите што ги одгледува, должен е во најкус можен рок за тоа да ги извести Земјоделската инспекција и Фитосанитарната управа. Во спротивно ризикува да заработи казна од дури 12.000 евра. Владата ќе прави мониторинг на целата држава за да се утврди дали земјоделците можеби користат препарати што не се дозволени, како и за тоа што с` се увезува од страна на трговците со препарати за заштита, како и каков семенски материјал влегува во земјата. Фитосанитарната управа за контролите и за мониторингот ќе поднесува извештај до Владата за тековната година најдоцна до април следната година.
Глоба од 6.000 до 12.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правно лице ако произведува и ако пласира на пазарот средства за заштита на растенија за кои не се издадени одобренија, ако дава неточни и нецелосни податоци за декларирање и за пакување на производот и не му дозволува на инспекторот да спроведе контрола на она што го продава. Исто така, казна може да заработи ако продава многу токсични материи, кои се штетни за пчелите, а нема посебно одобрение за тоа. Kазна од 2.600 до 4.000 евра ќе добие и одговорното лице – дециден е законот. За земјоделецот исто така предвидена е глоба до 12.000 евра ако самиот применува отровни производи за заштита, а производите што ќе бидат најдени ќе му бидат одземени.
Лабораториите што ќе ги вршат испитувањата на производите за заштита на растенијата треба да добијат посебни дозволи за акредитација, и тоа најдоцна до крајот на следната година.