За пченицата, земјоделците од Пелагонија, на средба со Груевски
Пелагониските земјоделци не очекуваат дека Владата на Македонија ќе ја промени одлуката за заштита на домашната пченица. Тие за ова во наредните денови ќе зборуваат и со премиерот Никола Груевски.
„Ние очекуваме во текот на наредните неколку денови да се сретнеме со нашиот премиер, за да му ги кажеме нашите маки ако дојде до замрзнување, односно отповикување на оваа одлука и се надеваме дека ќе имаме помош од него“ вели Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци, објави „Макфакс“.
Министерството за земјоделие по вчерашната средба соопшти дека одредбата за врзување на увозот на пченица и брашно со откуп на домашна пченица може да се случи откако воведената мерка ќе даде резултат.
Но, покрај тоа што првично земјоделците беа шокирани од најавата дека мерката ќе се укине, сега велат дека и онака секоја година по краток период од воведувањето, мерката се повлекувала.
– Доколку повлекувањето на мерката биде за неколку месеци односно наесен кога ќе би завршил и откупот кај нас, тогаш нема никаква опасност од нејизното укинување. Секоја година ние во ек на жетва бараме воведување на оваа мерка, а потоа кога работите ќе се стабилизираат сами бараме мерката да се повлече, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија.
Според бизнисмените од мелничко-пекаркаста индустрија доколку мерката се укине овој период, тогаш тие ќе мора да ги променат сегашните склучени договори за откуп на пченица со домашните производители, пазарот ќе биде либерализиран и нив во тој случај поефтино ќе им биде да земаат пченица од Србија чија откупна цена во моментов е 9 денари за килограм.