Ако ве касне медуза, местото измијте го со солена, никако со слатка вода
Ништо не може да го расипе уживањето во пливањето како наездата од медузи на вашата омилена плажа. Еве што да направите ако доживеете непријатна „средба“, иако не се опасни по живот.
Медузи
Медузите најчесто се наоѓаат во топлите мориња. Тие се проѕирни и желатинозни, така што во повеќето случаи не ги забележуваме додека пливаме. Прво, ги чувствуваме симптомите на каснување од медузата, па дури тогаш ја здогледуваме. Најчестите симптоми може да бидат печење, пецкање и чешање. Местото на кожата станува црвено, отечено и болно на допир. Во ретки случаи, може да се појави главоболка, слабост, малаксаност, несвестица, гадење, грчеви во мускулите и пад на крвниот притисок. Ако ги забележите овие симптоми, неопходна е итна лекарска помош.
На местото на контактот на кожата и медузата, настанува дерматитис во форма на линеарно црвенило, еритема, плускавци, проследено со печење или со умерена или силна болка.
Местото на каснувањето од медуза треба да се измие со морска, солена вода и да се отстранат пипалата од медузата доколку останале во кожата. Тоа значи дека никогаш не треба местото да го плакнете со обична вода за да не се активираат преостанатите пипала од медузата. Отстранувањето на пипалата од медуза најдобро се прави со пинцета.
При убодот од медуза, во нашиот организам влегува термолабилен отров, односно отров што се деактивира во допир со зголемената температура. Затоа, повредениот дел од телото треба да го потопите во најтоплата вода што можете да ја толерирате, а којашто нема да предизвика изгореници.
Топлината ќе предизвика разградување на отровот и со тоа престанок на неговото дејство. Тешки алергиски реакции ретко може да се појават, дури и ако луѓето се склони кон нив во секој случај. Потоа треба да одите на лекар што е можно побрзо. Ако медуза ве касне во пределот на очите, веднаш јавете се кај лекар.
Не е пожелно да се трие каснатото место, ниту да се чеша, бидејќи во спротивно ситуацијата ќе се влоши. На местото на допирот од медузата можете да нанесете противвоспалителен крем, локален кортикостероид или да испиете таблета антихистамин.
Силната болка значително се ублажува со мраз и ладни облоги, а исто така се препорачуваат и алкохолни или облоги со раствор од магнезиум сулфат. Покрај овие народни лекови се става и маст, анестетик, кортикостероид, антихистамин. Исто така, важно е да не ја допирате раната со голи раце, бидејќи ако на кожата останале пипала од медуза, можете да ги „изгорите“ и рацете.