Еден во милион случаи: Во Велика Британија родени близнаци со различна боја на кожата (фото+видео)
Медицинската сестра Шантел Бротон (29) во петокот се појави во емисијата „Добро утро Британија“ со своите близнаци, синот Ајон и ќерката Азира, кои се родени на 30 април. Но, она што е најинтересно е дека двете преслатки бебиња имаат забележително различна боја на кожа.
Роден со светла кожа и зелени очи, Ајон потсетува на Шантел, додека Азира, која има кафеави очи и потемен тен, повеќе личи на нејзиниот партнер Ештон.
– На почетокот тоа не беше толку видливо. Тие беа прилично слични по тенот, само се гледаше дека таа е малку потемна – им објаснила новопечената мајка на водителите Кејт Гаравеј и Бен Шефард. „Но, како што одминуваа неделите и месеците, таа стануваше сè потемна и потемна, а тој сè посветол.
– Бевме изненадени. Ја гледате разликата, но не сте навикнати да гледате толку различни близнаци – додала таа. „Но, ние сме среќни. Ни се допаѓа што тие се малку поинакви и што таа личи на тато, а тој на мене“.
Шантел вели дека нејзиниот партнер Ештон (29), е половина Јамајканец, половина Шкотланѓанец.
Шантел исто така раскажала дека луѓето се фасцинирани од разликата во изгледот меѓу нејзините близнаци.
– Сите се шокирани, навистина. Луѓето ме запираат кога ќе ја видат количката за близнаци, бидејќи изгледа дека сите сакаат да ги видат. Кога ќе ја забележат разликата, прашуваат: ‘Дали се близнаци?’, а јас велам: ‘Да’, тие возвраќаат: ‘Ох, едното дете е темно, а другото светло. Тоа е толку необично, првпат гледам вакво нешто’ – рекла Шантел.
Меѓутоа, троловите на Твитер не биле толку пристојни. Шантел рекла дека добила пораки од луѓе кои се прашуваат дали и двете деца се нивни и ја обвинуваат дека го изневерила Ештон.
– Дали и двете бебиња се негови? – прашал еден корисник, наведува британски „Сан“.
Доктор Амир Кан, кој ѝ се придружил на Шантел во нејзиното појавување во емисијата, објаснил како може да се родат близнаци со различни тонови на кожата.
– Може да се случи два сперматозоиди да оплодат две јајце-клетки. Бојата на кожата се состои од околу 20 различни гени и тоа е случаен избор – она што се наоѓа во еден сперматозоид нема да биде исто како во другиот сперматозоид, а истото е и со јајце-клетките – објаснил д-р Кан.
– Такви работи се случуваат. Тоа е сосема случајно и ретко – околу еден од пет меѓурасни парови ќе доживеат вакво нешто со близнаците – заклучил тој.
Ваквите раѓања се толку ретки што експертите за генетика претходно ги проценија на еден во милион.