Фасцинантна снимка на научниците: Снимиле октопод во моментот кога се буди од кошмар (видео)
Новото научно истражување спроведено на октопод сугерира дека овие интелигентни суштества можно е да имаат кошмари во текот на нивниот сон.
Во една неодамнешна студија, научниците објавија дека забележале необично однесување кај октопод што личело на будење од кошмар. Октоподот наречен Костело бил континуирано следен еден месец во лабораторија на Универзитетот Рокфелер во Њујорк.
Според научниците, во четири одвоени случаи октоподот Костело нагло се разбудил од сон и почнал да се однесува антипредаторски и предаторски. Ја променил бојата и покажал непредвидливи движења на пипалата. Изненадувачки, во два наврати испуштил црно мастило во водата, позната одбранбена тактика која вообичаено се користи за да се избегнат предаторите, иако заканата воопшто не била присутна.
Научниците сугерираат дека однесувањето на октоподот укажува на привремена анксиозност, потенцијално поврзана со лош сон.
„Беше навистина бизарно затоа што изгледаше како да има болки, изгледаше дека можеби страда, за момент. Потоа едноставно стана како ништо да не се случило и си го продолжи денот како и обично“, рекол Ерик Анхел Рамос, еден од коавторите на студијата, која беше објавена на репозиториум „biorxiv“ и која чека рецензија.
Костело претходно претрпел тешки повреди, вклучително и губење на две пипала, најверојатно при напад на грабливец. Истражувањата покажаа дека ваквите инциденти кај животните може да доведат до долгорочна бихевиорална и нервна пречувствителност. Ова сугерира дека одговорите на Костело можеби се должат на сеќавањата на минатиот напад.
Дума.мк