Во кои земји храната е најдобра, а во кои најлоша, според туристите ?
09.02.2021
Дестинациите како Грција, Италија или БиХ се омилени на списоците на оние кои откриваат странски земји преку вкусот и мирисот на националните кујни – исто како Турција, Тајланд… Но, што со оние дестинации каде храната не е толку популарна ?
Патниците од цел свет бараат дестинации каде ќе вкусат најдобри национални кујни. Тајланд, Грција, Турција и Италија се најбарани, додека Велика Британија, Холандија и Монголија не се на листата на посакувани.
Кога пријателите се враќаат од некое патување и нѝ препорачуваат гурмански доживувања, лесно можат да нè убедат да тргнеме по нивните стапки и да се ‘фрлиме’ на хедонистички туризам.
Во некои земји традиционалната кујна е во сенка на културните, историските и природните знаменитости.
Велика Британија е позната по својата репутација дека домашната кујна ѝ е без вкус, но на мета на критики на туристичките форуми се најдоа и Јамајка, Кенија и Финска.
Финска
„Финската храна е една од најздодевните и најмалку креативните, но е здрава. За време на финските Олимписки игри во 1952-ра година, било спроведено истражување меѓу туристите: тие сметале дека финската кујна е најлоша“, вели Срихарша Кучиманчи од Индија.
Холандија
Едвин ван Давенхорст од Холандија вели:
„Со оглед дека сум Холанѓанец, знам што значи храна без вкус на која ѝ недостасува креативност. Нашата храна најдобро се опишува како хранлива и едноставна за подготовка. Еден од примерите е стампот, зеленчук со компир варен во исто тенџере, потоа испасирано се послужува со парче месо и сос“.
Никарагва
„Во Никарагва вегетаријанците јадат ориз со пржени банани. Ја сакам таа комбинација и ја јадев во Костарика, но во Никарагва тоа јадење секогаш е ладно, суво и без зачини. И ананасот ме разочара. Секогаш е незрел и кисел, додека на Костарика е незамисливо сочен“, тврди Германката Амели Ландфиш.
Монголија
„Мојот глас за најлоша кујна оди за Монголија. Нема зеленчук, нема зачини – само месо и тестенини. Казахстанската кујна е слична, но како земја полна со разни националности, можете убаво да се најадете корејски, грузијски, руски или кинески јадења“, вели Стивен Херманс, која живее во Казахстан.
Јамајка
„Јамајка има тотално безлична храна – сè е без вкус, освен печено пиле. За појадок се јадат варени банани, варен компир, варени јајца… За ручек ориз со грашак. Не знам како тоа ‘им оди до рака’?“, вели Брајан Колинс од Америка.
Англија
Џеф Пеларин од Канада вели дека Англија многу се труди да се ослободи од лошата репутација, но сè уште уживаат во одвратни сендвичи со јајца од куќата на Марк и Спенсер.
Непал
„Настрана неколку туристички ресторани во Катманду, храната во Непал е многу лоша. Врз основа на моето (скромно) туристичко искуство, изгледа дека Непалците живеат од две работи, тестенини и дал бхат. Тестенините се во ред, но дал бхат е многу сличен на индискиот ориз, освен што е воден, а зачините се помалку интересни. Колку сте подалеку од градот, толку потешко ќе најдете месо со зеленчук“, објаснила Аника Шауер од Америка.
Кенија
„Кениската кујна е вкусна, но брзо станува здодевна. На секој чекор има невкусна касава, што може да се очекува бидејќи служи како ефтин извор на калории. Покрај тоа, сè се готви живо и долго“, вели Бен Сантхаус од Велика Британија.
Мите Јаначков