Повеќе од 13 милиони прегледи: Тизерот за „Малата сирена“ руши рекорди
Тизерот за новиот филм на „Дизни“ – „Малата сирена“, беше објавен овие денови. Главната улога на принцезата на океанот – Ариел, ја толкува Хали Бејли, а трејлерот собра повеќе од 12 милиони прегледи и голем број позитивни коментари на исчекување.
Пред Хали, имаше само една Афроамериканка принцеза на Дизни – Тијана од анимираниот филм „Принцезата и жабата“ од 2009 година. Кога 22-годишничката доби улога во новиот филм на „Дизни“, што е преработка на цртаниот од 1989., многу Афроамериканки и Афроамериканци се пресреќни поради тоа, наведуваат американските медиуми, па интернет-просторот е полн со радосни реакции на деца при првото гледање на трејлерот на претстојниот игран филм.
„Кога твојата омилена принцеза на Дизни личи на тебе“, е само еден од коментарите кои осамнаа на социјалната мрежа.
И самата Бејли сподели видео со натпис: „Со солзи во очите го гледав ова“.
Во филмот глумат и Џона Хауер-Кинг како принц Ерик, Хавиер Бардем како морскиот крал Тритон, Давид Дигс како ракот Себастијан и Мелииса МекКарти како вештерката Урсула. Прикажувањето е закажано за 26 мај 2023 година.