Работа од соништата! Заработува пари, а не прави речиси ништо
Шоџи Моримото заработува пари не правејќи речиси ништо – многумина би рекле дека ја работи својата работа од соништата, за која добил инспирација откако на работа му кажале дека – не работи ништо.
Жителот на Токио на клиентите им наплаќа 10.000 јени (околу 70 евра) по ангажман само за да им биде придружник.
„Во суштина се издавам себеси. Мојата работа е да бидам каде што сакаат моите клиенти и да не правам ништо посебно“, изјави 38-годишниот Моримото за Ројтерс, додавајќи дека бил ангажиран околу 4.000 пати во изминатите четири години.
Моримото има речиси четвртина милион следбеници на Твитер, каде што ги наоѓа повеќето свои клиенти. Околу четвртина од клиентите повторно ги бараат неговите услуги, вклучително и еден кој го вработил 270 пати.
На пример, работата го одвела во парк со личност која сакала да се игра на клацкалка. Тој мавтал низ прозорецот на возот кон странец, кој сакал некој да го испрати.
Тој ги одбил понудите да го премести фрижидерот и да замине во Камбоџа и не прифаќа никакви барања од сексуална природа.
Минатата недела, Моримото седнал наспроти Аруна Чида, 27-годишна аналитичарка на податоци, облечена во сари и разговарал со неа на чај и колачи.
Чида сакала да носи индиска облека во јавност, но се плашела дека тоа може да ги засрами нејзините пријатели. Така таа се обратила до Моримото за друштво.
„Со моите пријатели чувствувам дека морам да ги забавувам, но со Моримото не чувствувам потреба да разговарам“, рекла таа.
Пред да го најде својот вистински повик, Моримото работел во издавачка компанија и често му велеле дека „не прави ништо“.
„Почнав да се прашувам што ќе се случи ако ја понудам мојата способност да „не правам ништо“ како услуга на клиентите“, рече тој.
Дружењето сега е единствениот извор на приход на Моримото за издржување на сопругата и детето. Иако не откри колку заработува, тој рече дека гледа по еден или двајца клиенти дневно. Пред пандемијата имал по три или четири дневно.
Моримото размислува за бизарноста на неговата работа и се чини дека го доведува во прашање општеството кое ја цени продуктивноста и се потсмева на бескорисноста.
„Луѓето имаат тенденција да мислат дека моето безделничење е вредно затоа што е корисно (за другите) (…) Навистина е убаво да не се прави ништо. Луѓето не мора да бидат корисни на некој посебен начин“, рече тој.