Тинејџерка на „лет околу целиот свет“, се обидува да сруши рекорд (ВИДЕО)
Тинејџерка се обидува да стане најмладата жена што ќе го прелета целиот свет сама, пренесува „BBC“.
Зара Радерфорд која има 19 години, ќе види 52 земји и ќе го премине екваторот двапати за време на своето патување, кое почнува следниот месец. Тековна рекордерка е Американката Шаеста Вајз, која имала 30 години за време на нејзиниот предизвик во 2017 година.
Зара Радерфорд, која живее во Белгија, треба да ја започне својата тримесечна обиколка на Земјата од Брисел на 11 август.
– Најголемиот предизвик ќе бидат оддалечените места како северна Русија или Гренланд, нема многу луѓе кои живеат таму, па ако нешто тргне наопаку, ќе се најдам во малку непријатна ситуација. Чувствувам малку нервоза и возбуда, понекогаш и двете, рече таа.
Госпоѓицата Радерфорд, која потекнува од семејство на пилоти, започнала да тренира кога имала 14 години и ја добила пилотската лиценца во 2020 година.
-На мајка ми ѝ требаше подолг период убедување, но сепак се согласи, а татко ми ме поддржува и ми помага во логистиката, додаде таа.
Тинејџерката ќе лета со „Shark UL“, ултралесен спортски авион, кој држи голем број рекорди за брзина. Таа ќе прелета над Атлантскиот океан, Гренланд, Канада и Јужна Америка, до Алјаска, а потоа ќе премине во Русија и Индонезија пред да се врати во Европа. Рутата е избрана за да ги исполни барањата на „Гинисовиот рекорд“ за да биде „лет низ целиот свет“.