Здрав и есенски рецепт на Стефанија Несторовска: Овесни тиква мафини

Стефанија Несторовска која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, за денес ни приготви интересни,необични и есенски мафини, во кои главна улога има токму кралицата на есента – тиквата. Овие есенско-зимски мафини се вкусни, ароматични и сочни.
Тиквата е намирница без која есенската трпеза не е целосна. Станува збор за намирница богата со хранливи материи што го зајакнува целиот организам, а која често ја занемаруваме на менито. Постојат безброј рецепти и начини како да уживате во вкусот и благодатите на тиквата.
Состојки:
– 270 г (3 филџани) овесни снегулки
– 1 лажичка цимет
– 1/2 лажичка ѓумбир
– 1/4 лажичка морско оревче
– 1+1/2 лажичка сода-бикарбона
– малку сол
– 1 филџан пире од тиква
– 2 јајца
– 100 г (1/3 филџан) агаве (или кој било друг течен засладувач)
– 3 лажици кокосово масло, стопено
– 240 мл (1 филџан) млеко од бадем (или млеко по желба)
– 1 лажичка ванила (по желба)
– 80 г (1/2 филџан) чоколадни капки (по желба)
Подготовка:
Рерната се загрева на 190 степени и се подготвува тава за мафини/калапи за мафини.
Овесните снегулки се додаваат во блендер и се блендираат сè додека не се добие брашно. Брашното се додава во голем длабок сад. Се додаваат и сите зачини, сода-бикарбона и се промешува.
Во одделен сад се додаваат сите други (течни) состојки, освен чоколадните капки, доколку се користат. Убаво се матат за да се соединат.
Течната смеса се додава на сувата смеса и се промешува за да се соедини. Смесата треба да биде густа.
На крај се додаваат и чоколадните капки и се промешува само за да се соедини и да се распореди во смесата. Може да зачувате малку од чоколадните капки за да ги додадете врз мафините.
Добиената смеса се распоредува во 12 калапи за мафини. Се израмнува и се остава да се печат 15-ина минути. Можеби ќе бидат потребни и неколку минути повеќе, во зависност од рерната. Проверете со нож или со чепкалка, ако излезе чиста, без залепена смеса – тоа значи дека мафините се готови, ако не – оставете ги уште некое време.
Мафините се оставаат малку да се изладат пред да се извадат од калапите. Најубави се кога се топли и тазе, но доколку сакате да уживате во нивниот вкус подолго време, може да ги чувате 2 дена на собна температура или повеќе дена во фрижидер.
