Кожата негувајте ја со органска козметика
Органските продукти обично ја немаат конзистентноста на козметиката на која сте навикнале зашто немаат интензивен мирис, а не е чудно и да се посомневате и на периодот на приспособување кој може да биде необично долг. Многумина можеби се фрустрираат од „зелените“ производи, тврдејќи дека тие ја немаат истата сила како оние конвенционалните, па честопати прерано се откажуваат од нив.
Зошто хемија, кога може природа?
Бидејќи сметаме дека ваквата промена кон пристапот на убавината е многу важна за здравиот начин на живот, одлучивме да загребеме малку подлабоко во терминот „органска козметика“ и да ви покажеме што навистина таа значи.
Вашата кожа апсорбира најмногу од она што го ставаме врз нејзе, па носењето свесна одлука дека ќе користите природни материјали само ќе ве доведе до поздрава кожа. И само да знаете дека штом ќе ја почестите со органска козметика, кожата ќе го добие својот природен сјај и виталност.
Токму тоа е клучот при изборот на високо-квалитетни стручно развиени формули, се со цел да се добијат најдобрите резултати. Промената од секојдневните, хемиски производи, во органски може да ви помогне при искоренувањето на иритацијата и чувствителноста, кои се предизвикани токму од употребата на грубите хемикалии, сапуни и мириси кои се наоѓаат во конвенционалните производи.
Органската козметика е ослободена од парфеми, па лесно ќе забележите дека многу кремови за нега на кожата се или без мирис или имаат многу суптилна арома од природните масла кои се искористени во производот. Во однос на текстурата, некои производи можат да варираат од бренд до бренд, па некои имаат иста конзистентност како и скапите лосиони и кремови, а некои можат да имаат поголема густина од конвенционалните производи.
Исто така, повеќето органски производи за чистење на лицето нема да ви создадат пена при миењето, бидејќи во составот немаат сулфати кои во козметологијата се ставаат само за да создадат пена.
Но, многупати може да се случи жените кои се префрлиле на органска козметика, да доживеат апсолутно разочарување. Тоа најчесто се случува во оној таканаречен детоксификациски период, кога кожата која дотогаш била навикната на производи полни со хемикалии, да не може да се прилагоди на органските производи. За среќа, овие реакции при прилагодувањето не траат многу долго: се на се околу десетина дена. Само толку време и треба на вашата кожа да се прилагоди на новата козметика. Овој период може да варира во зависност од типот на кожата, но ако сте доволно упорни, кожата ќе стане почиста и подмладена на подолг период.
За оние кои се подготвени да ја направат промената, екпертите препорачуваат тоа да се направи постапно: да се почне со некои поблаги производи, како средствата за чистење, тониците или навлажнувачите на пример, а дури потоа со тек на време, да се внесуваат поинтензивните дневни и ноќни, како и кремовите против стареење.
И додека сте во подготовка на големата промена, наш совет ви е да ја побарате онаа козметика која има висок квалитет и е со високи перформанси, зашто кожата многу побрзо ќе ви се привикне на таквите производи и ќе ви ги донесе резултатите кои вие ги очекувате.
