Повторно напукна столб на мостот на Црна Река, целосна блокада на товарниот железнички сообраќај во Македонија
Целосниот прекин на железничкиот сообраќај на Коридорот 10 започна од вчера попладне, поточно од 15:25 часот поради напукнат бетонски столб на железничкиот мост на Црна Река. Мостот е во близина на Археолошкиот локалитет „Стоби“ поточно на делницата помеѓу железничките станици Градско и Кукуречани.
ЈП Македонски железници за патничкиот сообраќај најде решение со тоа што обезбедува пренесување на патниците со автобуси помеѓу Градско и Криволак но товарниот сообраќај е во целосен прекин.
Јавното железничарско претпријатие информира дека експерти од Градежен факултет во Скопје, во текот на денешниот ден, ќе излезат на терен за да извршат увид на состојбата.
Железничката пруга Скопје – Гевгелија е дел од Коридорот 10 преку кој солунското пристаниште е поврзано со Европа. Мостот на Црна Река попушти и на 29 септември, 2018 година. Тогаш машиновозач додека управуваше со композиција ја забележа пукнатината во носечкиот столб. Тогашната санација на столбот траеше 40 дена што на ЈП „Македонски железници“ и создаде загува од скоро еден милион и 360 илјади евра.
Убавка Јаневска