ОЈО: Заврши распитот на таткото на Вања, во основа ги негира дејствијата
Александар Ѓорчевски, таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска која беше убиена, повторно на денешниот распит кај јавен обвинител негира дека им дал информации на убијците за тоа кога Вања ќе излегува од дома и дека ќе биде сама. Скопското Јавно обвинителство соопшти дека Ѓорчевски во основа негирал дека давал информации за движењето на Вања кои што можеле да им помогнат на грабнувачите полесно да го изведат киднапирањето.
Инаку, грабнувањето на Вања, според изјави на тројца осомничени кои биле соучесници во неговото извршување, излегло од контрола затоа што јавноста многу се ангажирала во пронаоѓањето на Вања. Како егзекутор, односно тој што го испукал куршумот, двајца сведоци го посочуваат Љупчо Палевски Палчо, инаку недостапен на органите на прогонот.
За овој случај, во 48-часовен притвор се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски – Палчо, кој е во бегство и надвор од државата и за кого е донесена наредба за спроведување истрага и издадена е меѓународна потерница.
Скопскиот Кривичен суд синоќа определи краткотраен притвор од 48 часа и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски заради опасност од бегство и влијанија врз сведоци.
Дума.мк