Тишината за насилството врз жените ќе носи се поголем број случаи, мора да се спречат заедно со фемицидот
Објавено: 22 април, 2026, во 12:05 часот
Росица од Велес, Ивана од Скопје, грозоморниот случај во кумановско село каде што сеуште не се знае точниот број на жени – жртви на потенцијален сериски убиец, се само неколку случаи во црниот биланс на Македонија или податоци за жени – жртви на семејно насилтво за кои што јавноста знае. Ниту тие, ниту огромниот број на жени кои трпат семејно насилство, не се само имиња и бројки, туку вклучен црвен аларм – опомена за граѓаните кои што живеат во локалните заедници дека не смеат и понатаму да го премолчат „врисокот“ во соседниот дом со оправдување дека тоа е „нечиј а не и нивни проблем“ или државата и нејзините функционери јавно да не се извинат за пропустите на системот и од вработените во надлежните институции да не побараат одговорност за тоа што не работеле односно навреме не заштитиле жена од насилник. Ова се поенти од одржаната дискусија со дебата на тема „Скршениот штит- панел дискусија за родово базирано насилство“, организирана и одржана во Јуроп Хаус Велес.
Во нив беше соопштена поразителната статистика која што ја има Македонија, во изминатата, 2025 година како и во првите три месеци на 2026 година, која се однесува на семејното насилство што завршило со убиства или обиди за убиства на жени. Црниот биланс на минатата година гласи шест убиени и четири обиди за убиства на жени додека во првите три месеци, годинава, убиени се четири жени и регистрирани се уште два обиди за убиства.

Граѓанскиот сектор треба да биде еден од механизмите на помош на системот во борбата против стереотипите кои во Македонија сеуште „тлеат“ и директно говорат за неподдржување на жените жртви на семејно насилство. Прво од нивните родители со пораката „си го избрала за маж и ќе живееш со него“. Второ од граѓаните соседи кои слушаат „женски врисок или одек на удари“. Трето од локалните институции каде пријавата за помош „законски долго се обработува“ без обезбедување на сигурно живеаиште за малтретирана жена. Четврто – од државата која има обрска да го гарантира уставното право на безбедност па ако треба и да смени закони, но системски да ги спроведе. Петто, во граѓанските организации сите да гледа сојузници во заштитата, обезбедувањето на финансиската независност и рехабилитацијата на жените жртви.
Ангелина Димовска Стојанова, психолог во Советувалиште на жени жртви на семејно насилство на Организација на жени на Општина Велес и Ана Аврамовска Нушкова, правен советник во националната мрежа „Глас против насилството“ во своите излагања ја открија вистинската слика во државата.

На настанот Н.Е. Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција во Северна Македонија и Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз, Амбасадор на Шпанија во Северна Македонија пренесоа искуства и добри практики на темата од нивните земји.
Ле Риголер пластично го објасни случајот „Жизел Пелико“ поточно за организирано силувана жена додека била под седативи, лекови кои и ги давал сопругот за да ја онесвести и кој потоа наоѓал мажи за да ја силуваат додека тој снимал. Храброста на оваа Французинка да ги отвори вратите на судницата и даде јавност на судскиот процес не само што придонеле за големиот публицитет на судењето туку смениле многу работи во општеството, како што се јавната осуда, висината на пресудите, дрогирањето на жртвата поточно безсознанието во кое што жената се наоѓала и кое почнало да се третира како силување наместо претходно кога женскиот молк се третирал како согласност како и задолжителното тестирање на крв со мерење на количина на седативи и алкохол.
Соријано Ортиз пренесе добри практики од Шпанија каде со години се намалуваат случаите на жени кои се жртви на насилство притоа посочувајќи дека за проблемот најважни се податоците кои треба да ги обезбедат институциите кои во оваа држава се обработуваат преку развиена методологија и го утврдуваат обемот на насилството кои што помагаат да се идентификуваат мерките за справување со проблемот. Амбасадорот на Шпанија го потенцираше и развивањето на јавната свест на која системски се работи од децата во градинките преку учениците во училиштата, граѓаните кои се мисија на граѓанските организации и институциите, се до државата која имплементира законски решенија прилагодени на современиот начин на живеење во кои рамноправноста на девојките и жените се две суштествени цели.

Во дискусијата модераторката Андреа Угриноска од граѓанската „Тииит! Инк.“ од Скопје и присутните особено внимание посветија на мобилизацијата на заедницата и мотивирањето од поединецот преку работодавачите, каде жените ја обезбедуваат економската независност, институциите кои работат на заштитата и тие кои се задолжени да ги споведуваат законите и задолжените за спроведување на казнените одредби па се до државата.
Исто така констатираа дека потребни се повеќе финансиски средства за превенција на насилството и фемицидот. Наместо да зјаат празни да се стават во функција за што се отворија Шелтер центрите и вклучување во алките на превентивниот синџир на работодавачите, исто така, клучна алка во системскиот синџир на градење доверба, осамостојување и рехабилитирање на жртвите на семејно насилство.
Убавка Јаневска

