Денеска се празнува Преподобен Мартинијан
Житието на овој светител е чудесно и прекрасно. Што сѐ не претрпе за да ги исполни Господовите заповеди. Во својата осумнаесетта година се оддалечи во планината наречена Ковчежна во Кападокија и таму поживеа дваесет и пет години во пост, молитва и бденија и во борби со многу искушенија.
Кога дојде да го искушува една жена, а тој виде дека има опасност да падне во грев со неа, скокна бос во оган и стоеше внатре додека болката не му навре солзи на очите и не уби во него секаква похот. Кога надојдоа други искушенија тој побегна на една осамена карпа сред морето и таму живееше.
Но, кога при еден бродолом и на оваа карпа доплива една жена, тој скокна во морето за да се удави, но го дочека еден делфин и по Божја Промисла го изнесе на грб на брегот. Тогаш реши повеќе никаде да не се населува трајно, а постојано да патува. Така, за две години измина сто шеесет и четири града, исправајќи ги и советувајќи ги луѓето. Најпосле пристигна во Атина, и таму се упокои, во 422 година.
Дума.мк