Од понеделник субвенционираниот студентски оброк ќе се исплаќа на неделно ниво
Од понеделник, наместо на дневно ниво паричните средства за субвенциониран студентски оброк ќе се исплаќаат одеднаш за шест дена во неделата. Ова е предвидено со последните измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, направени на барање на студентските организации и здруженија, а во насока на унапредување на решението за користење на оваа системска мерка, информираат од МОН.
Од следната седмица, секој студент кој го остварува правото на субвенциониран студентски оброк на својата трансакциска сметка ќе добива буџет во износ од 840 денари кои ќе бидат наменети за купување оброк, односно намирници за прехрана и ќе можат да се искористат од понеделник до сабота. На овој начин се зголемува практичноста на законското решение кое досега предвидуваше исплата на 140 денари на дневна основа.
Нема промена во условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Рокот за пријавување на студентите кои досега не го оствариле ова право или не ги исполнувале критериумите е од први до петти секој нареден месец преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.
Дума.мк