(Видео и фото) Вработените во ШС„Бабуна“ денеска стапија во штрајк, директорот Груевски најави исплата на јануарската плата
Сите 58 вработени во подружница Шумско стопанство „Бабуна“ Велес се на работните места но не ги извршуваат работните задачи. Тие не работат затоа што стапија во штрајк. Работниците штрајкуваат поради не исплатени две плати, за јануари и февруари, годинава, редовна исплата на наредните плати како и исплата на надоместоците за теренска работа. Овие се приоритетни барања на синдикалната организација на ССМ во велешката подружница на ЈП “Национални шуми“. Штрајкот го поддржа Сојузот на синдикати на Македонија чиј претседател Слободан Трендафилов денеска даде изјава во Велес и одговараше на новинарските прашања заедно со синдикалецот од основната синдикална организација, Зоран Игнов. Притоа беа соопштени информации за од една страна неможност за редовна исплата на плата а од друга вработување на нови 450 работници како и за набавка на нови возила во јавното македонско претпријатие.
Директортот на ЈП „Национални Шуми“, Валентин Груевски кој за Дума.мк соопшти дека во штрајкот учествувале дел од вработени во подружниците на македонското шумарско јавно претпријатие потврди дека вработените немаат земено плата за изминатите два месеци како и дека во дел имало целосна исплата додека во друг дел делумно задоцнување на исплатата на надоместоци за теренска работа но во времетраење најмногу до три месеци.
-Во текот на денешниот ден ќе биде исплатена платата за вработените за месец јануари додека согласно внатрешната процесура на јавното претпријатие поврзано со исплата на плати, за месец февруари, вработените ќе добијат плата во законскиот рок, 15 март. Владата има донесено одлука, од пред еден месец, за обезбедување на финансиска помош која што ЈП „Национални шуми“ ја очекува за да ги реализира финансиските обврски меѓу кои е исплатата на плата на вработените, додаде Груевски.
Тој исто така појасни дека станува бор за стар проблем коишто произлегувал од не можност во зимските месеци реализирање на теренски работни задачи како и сеча на дрвја од кои се остварува приход за нормално функционирање на „Национални шуми“. Груевски потврди дека со префрлање на изгласаната владина финансиска помош ќе биле подмирени тековните обврските на јавното претпријатие меѓу кои и кон работниците за теренска работа. Директорот исто така одговори на прозивките за новите вработувања во јавното претпријатие.
-Не станува збор за отворање на нови работни места во Национални шуми туку за трансформирање на работен однос од определено на неопределено работно време. Тоа се работници кои од 2019 до 2023 година работеа во јавното претпријатие согласно потребите или од неколку до девет а некои и повеќе месеци. Ќе соопштам дека дека од 2015 година до 2023 година ова јавно претпријатие има изгубено 1. 000 работни места, рече Груевски.
Во исто време, директорот на ЈП„Национални шуми“ даде одговор на соопштената информација за набавените нови 20 возила и потенцираше дека тоа не биле луксузни туку неопходно потребни теренски возила земени на лизинг кои треба да ги заменат старите, повеќе децениски, амортизирани „лада ниви“ или други видови на превозни транспортни средства.
Убавка Јаневска