(фото) Велешките основни и средни училишта како и детската градинка се приклучија на велигденскиот базар во Младински парк
Рачно изработени уникатни велигденски украси можеа да се најдат на штандовите на основните и средните училишта од градот како и детската градинка „Димче Мирчев“. Дел по симболична цена но поголемиот дел и хуманитарно се продаваа. Учениците оставаа пари во поставени кутии и ги купуваа уникатните украси изработени од своите најмали другарчиња од градинката или пак од учениците од училиштата. Насмеани и среќни сите со своите избрани украси меѓусебе си ги покажуваа, разменуваа и се забавуваа.
-Јас си купив уникатно зајче направено од рециклирана хартија, но и гнездо со шарени велигденски јајца. Многу е убаво денеска во паркот, сите се дружиме и сега си покажуваме кој што си купил за празникот, насмеано одговори едно девојче на поставеното новинарско прашање.
Покрај нив голема заинтересираност имаше и од граѓаните кои покрај изработките на децата ги разгледуваа и купуваа украсите од поставените тезги на роднокрајните ракотворци. Тие од 22 април, на неколку тезги ги нудат своите производи кои ги изработиле по повод најголемот христијански празник Велигден.
-Среќни сме што годинава има базар и за Велигденските празници. Ние во изминатиот период бевме дел и од новогодишниот и 8-мо мартовскиот базар. На овој начин сме поблиску до нашите граѓани кои немале можност да дознаат за нас ракотворците. Сега имаме каде да ги изложуваме и продаваме своите изработки освен на фејсбук. Многу сме среќни и се надеваме дека во иднина ќе имаме повеќе базари но исто така и приклучување на останатите ракотворци бидејќи во Велес не има многу повеќе од ова сега што го гледате на базарот, рече една од ракотворките на тезгите во Младински парк.
Инаку, базарот ќе продолжи до 30 април и сите заинтересирани граѓани може да го посетат и да си купат уникатни ракотворби за претстојните велигденски празници.
Стефани Манева
фото галерија: