Заев: Коалицијата со ДУИ функционира
Лидерот на СДСМ денеска од Неготино порача да запрат игрите во парламентот и да се донесат законите кои се пред пратениците. Посочи дека коалицијата со ДУИ функционирала и дека СДСМ е на ставот избори да се одржат на 12 април.
„Може ќе има две третини, може ќе нема, но ред е и чесно и фер пред државата, да се даде шанса да се изгласаат важните закони. Јас сум среќен што денеска продолжи работата на парламентот. Благодарам на флексибилноста на претседателот на парламентот и на сите пратеници. Верувам дека согласно на своите права ќе дадат шанса сите овие закони да бидат завршени и гласани, па да се распушти парламентот. Нема да дозволиме на било каков начин да се тргне од дневен ред, макар и да не се стави на гласање, така важно законско решение, како што се законите за одбрана и јавно обвинителство, изборниот законик, како и пораката за сериозноста на државата, дека не смее да си дозволи министер, да ги крши уставот и законите“ рече Зaeв.
Тој одговарајќи на новинарски прашања информираше дека СДСМ преговара за коалиција и со досегашните коалициони партнери, но и со партии со кои досега нема коалицирано.
„Верувам дека ќе имаме конечни резултати од овие разговори, покрај анализите и разговорите што ги правиме со нив. Многу е важно да имаме и програмски заеднички определби. Потенцирам дека Социјалдемократскиот сојуз има сериозен голем и уникатен коалиционен капацитет заради едно општество за сите, заради сите храбри одлуки кои ги донесовме во минатото. Нема да оставиме тоа да не го искористиме, нормално, сево функција на сериозна победа и сериозен чист мандат, што ќе обезбеди стабилна пратеничка група со мнозинство гласови во новата влада. Заради тоа што претстои сериозен процес на вистинска трансформација на целокупното наше општество и работа дома на економијата“ рече лидерот на СДСМ.
Ангел Данов.