Овации и аплаузи на неколку стотини велешани во публика и разиграни и распеани фолклористи на сцена – Свечено отворен ИФФ„Велес 2026“ (фото и видео)

Објавено: 2 јули, 2026, во 11:25 часот

Неколку стотици граѓани, љубители на фолклорот, вчера вечер, седеа и стоеја во Амфитеатар на Младински парк додека фолклористи домаќини и гости од Италија, Австралија ,Полска, Мексико и Македонија ги изведуваа кореографиите на бината. Сите тие го славеа почетокот на 21-виот Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2026“.

Најпосетената културна манифестација во Велес започна со претставување на учесниците, кои влегоа во Амфитеатарот откако претходно во свечено Дефиле ги поздравуваа граѓаните низ улиците од Средношколскиот интернат „Лазар Лазаревски“ до Младински парк.

Фото: Општина Велес

ИФФ „Велес 2026“ беше отворен со изведби на македонската и химната на град Велес – „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ додека на јарболите се подигнуваа државното, знамето на Општина Велес и на Интернационалниот фолклорен фестивал.

Томе Јаневски, претседател на Организациониот одбор на ИФФ„Велес 2026“ го прогласи фестивалот за отворен потенцирајќи дека „од Велес ќе биде испратена порака до светот дека во нашиот град се создава мал свет којшто е големо богатство за секој кој може барем за момент да го види и да го доживее“.

На сцената први настапија, домаќините, играорките и играорците на Ансамбл „Керамичар“ а по нив избрани кореографии изведоа и фолклористите гости на ФГ „Мишел Грион“ од Италија, Македонско Културно уметничко друштво „Македонски бисери“ од Австралија, ФА „Лублин“ од Полска, КУД „Дримкол“ од Вевчани и ФА„Аколмизтли Мацехуани“ од Мексико.

Фото: Ансамбл „Керамичар“
Фото: ФГ „Мишел Грион“ од Италија
Фото: Македонско Културно уметничко друштво „Македонски бисери“ од Австралија
Фото: ФА „Лублин“ од Полска
Фото: КУД „Дримкол“ од Вевчани
Фото: ФА„Аколмизтли Мацехуани“ од Мексико

Публиката со громогласни аплаузи ги наградуваше сите прикажани кореографии во кои фолклористите играа ора, изведуваа танци придружувани од нивни оркестри.

Фото: Културно уметничко друштво „Македонски бисери“ од Австралија

Сепак настапот на играорците на Културно уметничко друштво „Македонски бисери“ од Австралија кои ги споија телата и душите во кореографијата „Радовишки собет“ на Јовица Блажевски како и изведбата на Македонски јазик на народната македонска песна „Македонско девојче“ од страна на комплетниот Фолклорен ансамбл „Лублин“ од Полска ги предизвикаа најголемите овации.

Публиката со бурен аплауз реагираше на моментот на високо подигнатото знаме на Австралија од страна на повеќе бројната придружба на нашите австралиски исселеници и громогласно ја пееше песната „Македонско девојче“.

ИФФ „Велес 2026“ вечерва ќе ја има својата втора фестивалска вечер.  

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.