Спуштена завесата на III Фестивал на медитерански и балкански филм „Преку Езерото“ во Дојран, доделени наградите
Со доделување на наградите, вчера вечер, во 20:00 часот, свечено беше затворено третото издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку Езерото“.
Меѓународното жири составено од: Електра Венаки од Грција, Предраг Пеџа Милојевиќ од Србија и лауреатот на овогодинешниот фестивал поточно добитник на „Наградата Мето Јовановски“, актерот Владо Јовановски, донесоа одлука „Гран При“ наградата за надобар медитерански и балкански филм да ја добие грчката дистописка драма „Тишина 6-9“, на режисерот Христос Пасалис. Филмот припаѓа на новиот грчки таканаречен чуден филмски бран, предводен од светската кинематографска ѕвезда Јоргос Лантимос.
Наградата за најдобар краток филм ја доби овогодинешниот кански победник „Човекот кој не знаеше да молчи“, на Небојша Слепчевиќ за раскажаната,кратка, потресна пост-воена драма.
Добитници на наградата за најдобар режисер на медитеранот,подеднакво, се Александра Лазаровски од Србија, за краткиот филм „Ѕвездена“ и режисерот Ѓорче Ставревски од Македонија за неговаиот краток филм „Дали си маж“. Филмот на Лазаровски е социјална драма за две девојчиња во Белград кои останале без татко додека Ставревски од Македонија за приказната за детето во Скопје, без татко, кое што за прв пат е ставено на тест на „храброст“.
Специјално признание од фестивалското жири беше доделено е на филмот „И покрај тоа што е ноќ“, на режисерот Гилермо Гарсија Лопез од Франција.
Оваа година за прв пат беше формирано и студентско жири, со цел да се даде потполна антиципација на студентите по филм и телевизија. Тие, сосема спротивно на големото жири, одлучија дека најдобра медитеранска приказна е политичката драма „Руски Конзул“ на Мирослав Лекиќ од Србија, чија приказна се одвива во 70-тите години на минатиот век во поранешна Југославија.
Исто така, студентите имаа извонредна и единствена можност, за прв пат во Македонија, на еден фестивал да ги претстават своите најдобри приказни и да добијат грант за реализација на нивните дипломски филмови. Па така, грантови беа доделени на четири краткометражни филмови кои ќе се реализираат во следните дванаесет месеци и македонска премиера ќе доживеат на следното, четврто издание на „Преку Езерото“.
Оваа година, исто така за прв пат беше организирана работилница за деца и за млади, кои се запознаа со филмската писменост и стекнаа основни познавања за филмскиот јазик.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и Општина Дојран.
Дума.мк