ИН МЕМОРИАМ:  д-р Ванчо Граматов, специјалист по Општа хирургија, поранешен директор и пензиониран лекар на ЈЗУ Општа болница Велес (1959 – 2026)

Објавено: 22 септември, 2026, во 16:45 часот
Фото: Архива на Дума.мк

Во 67-мата година од животот, вчера, во родниот Охрид, почина д-р Ванчо Граматов, специјалист по Општа хирургија и истакнат лекар – специјалист на ЈЗУ Општа болница Велес.

Иако роден охриѓанец, кој основно, средно и високо образование завршил во Скопје, д-р Граматов целиот работен век го помина во велешката Општа болница. Тој како дипломец на Медицинскиот факултет во 1986 година се вработил во Велес. Потоа добил специјализација и како лекар специјалист остави длабока и трајна трага во развојот на хируршката дејност заедно со грижата за пациентите.

Во текот на својата професионална кариера д-р Граматов извршуваше повеќе значајни функции. Тој беше началник на Хируршкото одделение, во два мандати претседател на синдикалната организација и директор на болницата во периодот од 2006 до 2013 година. Ја извршуваше и работната задача лекар – портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес остварувајќи брза и навремена комуникација со новинарите и медиумите.

“Како директор беше иницијатор и предводник на изградбата на болничката црква „Св. Козма и Дамјан“, оставајќи трајно духовно и човечко наследство за идните генерации. По повеќе од четири децении посветена работа во здравството, на 1 април 2026 година замина во заслужена пензија. Ќе го паметиме како исклучителен хирург, почитуван колега, посветен професионалец и човек со големо срце, кој со својата стручност, пожртвуваност и човечност спаси животи на многу пациенти, колеги и пријатели. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, роднини како и до сите што го познаваа и почитуваа,“ напишаа колегите и здравствените работници на ЈЗУ Општа болница Велес.

Посмртните останки на д-р Ванчо Граматов ќе бидат изложени утре, среда, 23 септември,  во 11:00 часот во црквата „Св. Спас“ во Велес додека погребувањето е закажано во 12:00 часот.

Почивај во мир докторе. Вечна слава.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.