ИН МЕМОРИАМ: Др Љубчо Синадиновски, специјалист по гинекологија и акушерство
Ненадејно, вчера вечер, во 23:00 часот, во Велес, на 69 годишна возраст, почина др Љубчо Синадиновски долгогодишен лекар специјалист по гинекологија и акушерство.
Др Синадиновски е дипломец на Медицински факултет во Скопје, во генерација 1984/85 година. Веднаш по дипломирањето две години беше лекар кој стажира во тогашната здравствена установа Медицински центар Велес додека во 1987 година беше примен во редовен работен однос како лекар којшто беше распределен на работа во здравствената амбуланта во село Горно Јаболчиште.
По 13 годишна работа како општ лекар во медицинската амбуланта во ова велешко село, др Љубчо Синадиновски, ја доби долго посакуваната специјализација на медицинската гранка Гинекологија и Акушерство. Навреме, во шест годишен временски рок, во 1996 година, лекарот се стекна со звањето специјалист по Гинекологија и Акушерство. Додека специјализираше, др Синадиновски исто така работеше на Одделението за Гинекологија и Акушерство во велешката Болница.
Гинекологот и акушер на 10.000 жени пациентки, од кого денеска на социјалните мрежи се простуваат десетици од нив, искажувајќи благодарност за несебичната лекарска помош да станат мајки или на свет да ги донесат своите деца, цели седум години беше и Началник на Одделение за Гинекологија и Акушерство. Тоа е периодот од 2000 – 2007 година. Во овој период, за којшто колеги на др Синадиновски, денеска, велат дека бил еден од најуспешните во издавање на здравствени услуги, пред се поради воведени нови техники на извршување на оперативни зафати, „Лигашур“. Тоа се случило за прват во Велес додека тогашната Болница ја издигаат меѓу првите по квалитет на здравствени услуги и во Македонија. Истите се користат до денешен ден. Исто така, откако биле воведени во пракса на гинеколошко акушерското станале добра практика и на хирушкото одделение во велешка Болница.
Др Љубчо Синадиновски во 2007 година во Велес ја отвори својата приванта гинеколошка амбуланта во којашто работеше се до вчерашниот ден, 21 август 2024 година.
Посмртните останки на др Синадиновски, ќе бидат изложени во црква „Свети Спас“ во Велес, утре, петок, 23 август, во 11: 00 часот додека погребувањето е закажано во 11: 30 часот.
Дума.мк