За почеток на санацијата на свлечиштето „Цуцка“ потребна согласност и од Македонски железници
Тоа што во понеделникот на 17 февруари не започна санацијата на свлечиштето „Цуцка“ од ЈП за државни патишта имаат објаснување во кое се вели дека се вршат подготовки на теренот со поставување на знаци кои на учесниците во сообраќајот им сигнализираат дека започнува санација. Фирмата изведувач се ведува во работа. Вака од Јавното претпријатие за државни патишта го објаснуваат поместувањето на денот на почетокот на градежните работи на свлечиштето на јужниот излез на Велес.
Градоначалникот Аце Коцевски денеска рече дека не треба да се создаваат проблеми таму каде што ги нема и дополни дека кога се воведувал изведувач во работа тоа не значело дека истиот ден ќе дошле машини и ќе започнеле ископ.
-Просторот мора да се уреди како градилиште. Таму ќе има ноќен чувар. Треба да се забрани движењето на возила и сите возила да вртат преку автопат за да можат да дојдат до фабриката „Димко Митрев“, „Агрија“ или граѓаните до своите домови. Изведувачот беше во општинава и објасни дека при разгледување на техничката документација се утврдило дека поради ширината од 3,5 метри на теренот на интервенција се зафаќа 50 сантиметри од простор со кој владее ЈП „Македонски железници“, за што е потребна посебна согласност бидејќи при работа со механизацијата во близина на електрифицирана пруга се создава електромагнетно поле од кое може да се случи да настрадаат работниците, рече градоначалникот Коцевски.
Во текот на денот, временскиот интервал на изведување на градежните работи, потребно ќе било исклучување од напон на електрификацијата на железничката пруга Скопје – Гевгелија. ЈП „Македонски железници“ побарале неколку дена за да ја издадат потребната согласност.
Според првичните проценки, изведувањето на градежните работи на санација на ридот „Цуцка“, таму ќе се работи неколку месеци.
-Јас ги замолив периодот на изведување на санацијата, но не на штета на квалитетот, да биде во пократок временски период затоа што треба да се забрани сообраќајот. Бев информиран дека за изведување на стручните специјализирани работи бидејќи нема македонски фирми ќе бидат ангажирани подизведувачи од Хрватска, додаде Коцевски.
За анкерисување и вадење на опасни делови од карпите на масивот „Цуцка“ исто така ќе бидат ангажирани и алпинисти./У.Ј