Проф.д-р Ќимова:Важноста на емоционалната интелигенција
Емоционалната интелигенција е способноста да се препознаваат, разбираат и управуваат сопствените емоции, како и емоциите на другите. Оваа вештина е клучна не само за личен развој, професионален развој туку и за градење здрави меѓучовечки односи. Во општество како нашето полно со промени и несигурност, емоционалната интелигенција игра посебно важна улога кај младите, родителите, наставниците и сите граѓани.
Младите се во процес на формирање на нивниот идентитет и социјални вештини. Високото ниво на емоционална интелигенција може да им помогне да се справат со стресот, да ги регулираат емоциите и да изградат посилни пријателства. На пример, млад човек кој знае да препознае кога се чувствува анксиозно или нервозно пред тест, може да најде начини да ја намали напнатоста преку длабоко дишење или кратки паузи. Оваа вештина помага и во решавањето на конфликти со врсници, бидејќи емоционално интелигентните лица лесно можат да сочувствуваат и да ја разберат перспективата на другите.
Родителите се модел на однесување за нивните деца. Тие кои поседуваат високо ниво на емоционална интелигенција можат поефективно да ги воспитуваат своите деца, особено во емоционално предизвикувачки ситуации. Така на пример, родител кој го разбира стресот и фрустрацијата на своето дете, по лош ден на училиште, наместо да се лути, ќе одбере да го поддржи, утеши и да разговара смирено за решение. Ваквиот пристап не само што го зајакнува односот родител-дете, туку и им помага на децата да научат како да ги управуваат своите емоции.
Исто така, наставниците играат клучна улога во обликувањето на емоционалното здравје на учениците. Наставник со високо ниво на емоционална интелигенција може да создаде позитивна и поддржувачка училишна средина. Пример, ако ученик покажува знаци на вознемиреност или тага, наставникот кој е емоционално свесен ќе може да реагира со разбирање и поддршка, наместо со игнорирање или дисциплински мерки. Ова ја гради довербата помеѓу ученикот и наставникот и создава средина каде учениците се чувствуваат безбедно отворено да разговараат..
Емоционалната интелигенција не е важна само за индивидуалците, туку и за заедницата како целина. Во секојдневни ситуации, како на работното место или во јавниот простор, способноста да се препознаат емоциите и да се реагира со емпатија може да го намали конфликтот и да поттикне соработка. На пример, во стресна работна средина, работник кој поседува емоционална интелигенција може да го намали конфликтот со мирно изразување на своите ставови и активно слушање на другите. Ова води до подобри односи и поефективно решавање на проблемите.
Емоционалната интелигенција е клучен фактор за личен и професионален успех во денешното наше општество. Таа е неопходна за младите во нивниот развој, за родителите во воспитувањето на децата, за наставниците во создавањето позитивни училишни средини, и за сите граѓани во градењето подобро и посолидарно општество каде грашаните ќе се чувствуваат испочитувани и ќе доживеат пријатна средина каде и да се обратат. Вложувањето во развојот на емоционалната интелигенција е инвестиција во подобар квалитет на живот за сите.
Развојот на емоционалната интелигенција преку обуки, работилници и вебинари е од големо значење за подобрување на меѓучовечките односи и личната благосостојба. Овие форми овозможуваат лесен пристап до практични вештини за управување со емоциите и решавање на конфликти, достапни и онлајн. Со редовно учество на обуки, работилници и вебинари, луѓето стануваат подобри за сами себе, поуспешни во комуникацијата и справувањето со стресни ситуации. На крајот на октомври, Ин Асоцијација ќе организира вебинар на оваа тема, за што ќе добиете дополнителни информации. Во меѓувреме, повеќе информации можете да најдете на Фејсбук профилот на Ин Асоцијација.
Пишува:
проф.д-р Ѓорѓина Ќимова
Професор на Меѓународен Славјански Универзитет „Свети Николе“
Свети Николе , Република Северна Македонија