Со парите од унгарскиот кредит и од владата ќе се гради подземната гаража во Велес
Проектот за изградба на подземна гаража во центар на Велес којшто општината го конкурирала на владиниот повик избран е за финансирање од страна на владата. Искористените измени на Закон за урбанистичко планирање за изградба на катни гаражи од страна на градоначалникот Марко Колев, како прв во државата, биле пресудни Велес да ги обезбеди потребните финансиски средства. Станува збор за финансиска поддршка од вкупно 3,2 милиони евра колку што чини комплетната изведба на подземната гаража на локација на сегашниот паркинг простор пред зградата на Основен суд Велес.
Ова, вчера при посетата на градот, го издвои министерот за транспорт Александар Николоски кој додаде дека за брзо време велешани ќе го добијат овој значаен објект за ублажување на последиците со паркирањето во централното градско јадро.
-Во првата фаза на изградбата на подземната гаража предвидено е да започне изградбата и во најголем дел да заврши. Бидејќи според информациите што министерот Николоски ги соопшти и моите од претходно од премиерот, очекуваме во месец јануари, вгодина, да се отвори повикот со што ќе се поврзат првата и втората фаза на изведба на градежниот објект. Во втората фаза ќе се гради плоштадот над подземната гаража и ќе се поставуваат неопходните елементи на него. Во првата фаза проектот ќе биде финансиран со 1,1 милиони евра и во втората фаза уште 2,1 милиони евра со што ќе се обезбедат вкупно потребните 3,2 милиони евра, рече градоначалникот Марко Колев.
Подземната гаража ќе се гради на површината на градскиот паркинг во центар на Велес и ќе понуди можност за подземно паркирање на околу 100 возила.
Убавка Јаневска