Производителите на сончоглед бараат интервентна субвенција од седум денари за килограм, ако владата не им даде нема да сеат ни сончоглед ниту пченица (видео и фото)
Последиците на климатските промени катастрофално се одразија врз годинешниот род на сончоглед во Пелагонија. Скоро преполовен е родот и на сончоглед и на пченица во споредба со минатогодишната реколта. Дел од производителите на сончоглед денеска дојдоа во велешки „Кристал“, каде го предадоа родот и се задоволни од откупната и исплатена цена, но сега за да побараат помош од менаџерите на компанијата за заедно да лобираат кај владата и да добијат интервентна субвенција од седум денари. Без неа нема да можат да ги прехранат семејствата.
Овогодишната состојба на родот се случува откако сончогледот се врати на македонските ниви. Веќе само во Пелагонија ги има неколку стотини производители. Сите тие собрале минимална количина на сончоглед која не се споредува со претходните години. Пред новинарите соопштија дека родот им го сотреја пролетната суша и пеколното лето. Никој од нив нема заработувачка, како од сончогледот тама и од пченицата.
Овие производители рекоа дека поради секојдневната работа не можат да се организираат и ако треба да протестираат. Тоа ги правело поинакви од наставниците за кои сметаат дека протестот ќе им донел повисока плата. За себе рекоа дека неможат да ги остават нивите и да организираат протести па се одлучиле преку лобирање да дојдат до парите што би ги извадиле од пропаст.
Откупувачот, велешки „Кристал“, до денеска откупил 3.200 тони сончоглед по цена од 24 денари за килограм од македонските ниви или 600 тони помалку во споредба со минатата година кога родот го платил по 20 денари за килограм. Тоа е доволна количина за двомесечна работа на единствениот македонски производител на масло за јадење од сончоглед. Затоа велешки „Кристал“ увезе сончоглед и од соседна Србија а отворен е и за увоз од Бугарија. И со повисока откупна цена сепак маслото за јадење директно од компанијата се купува за 74 денари за литар.
Убавка Јаневска