Пешачкиот и велосипедски дел на главна улица „8 Септември“ во центар на Велес предмет е на бројни реакции на граѓаните, европските искуства се поинакви
Намалениот коловоз на делот на главна улица „8 Септември“ во центар на градот, од плоштад „С`рмаале“ до кружен тек пред поранешна Стоковна куќа не им се допаѓа на поголем број на велешани исто како и новото сообраќајно решение во градот. Голем дел од граѓанските коментари со новинарите на Дума.мк или споделени во коментари на социјалните мрежи се спротивни од решенијата на консултантите и донаторот на проектот поточно Европска Унија. Граѓаните објавуваат и коментираат дека коловозот на улицата претесен е поради користење на едната коловозна лента а втората наменета за велосипеди и за пешаци. Исто така тие не се сложуваат ниту со „поставените пластични столбчиња на средината на коловозот“ бидејќи го „успоруваат сообраќајот и се причина за создавње на метеж“.
Почесто од претходно сега во централното градско подрачје се слуша вклучена сирена на возила што е резултат на создадена нервоза кај возачите. Поплака деновиве имаа и пожарникарите на ТППЕ Велес коишто реагираа дека не можеле да се пробијат низ метежот за да стигнат на интервенција.
И додека новото сообраќајно решение во градот, кое инаку ги опфаќа уште и улиците „Гоце Делчев“ и „Страшо Пинџур“, поради воведен двонасочен сообраќај, предмет се на бурни реакции на велешани сосема поинакви се искуствата на градовите во земји членки на Европска Унија. Таму бројот на пешачките зони како и на тесните улици од година во година се зголемува. Македонскиот новинар, фриленсер, Александар Методијев, кој живее и работи во градот Бон, во Германија го сподели искуството на оваа европска држава во борбата за намалување на загадувањето на воздухот токму од издувните гасови на моторните возила.
Методијев пренесе дека Германија има зацртана цел до 2030 година да ги намали издувните гасови од секој вид за 65 проценти споредено со 1990 година како и дека амбицијата е до 2045 година земјата да има нула издувни гасови. Во приоритетите на многу германски градови се применети намалена брзина на возење со ограничување на 30 километри на час како и што повеќе ленти од улиците само за велосипедисти и за автобуси.
-За постигнување на таа цел донесени се различни мерки. Една е трансформација од фосилни горива кон користење енергија од обновливи извори, како ветер, сонце или биомаса. Од почетокот на јули 2019 година постои такса на горива, која се плаќа за користење бензин, дизел, нафта за греење и природен гас. Така, според овој енергетски данок се плаќаат 65,45 центи на литар за бензин, додека за литар дизел давачката е 47,04 центи. Со овој енергетски данок владата сака да ги направи фосилните горива уште поскапи и луѓето да користат алтернативни извори на енергија. До декември лани владата даваше субвенции за купување електроавтомобили. Постојат проценки дека камионите создаваат една третина од сите емисии на јаглерод диоксид во сообраќајот. Затоа, воведена е и давачка за емисија на CO2, која е поврзана со патарината за камиони. Целта е користење на поеколошки возила. Во многу германски градови брзината на возење е ограничена на 30 километри на час, ленти од улиците се пренаменети само за велосипедисти и автобуси и од мај лани постои „карта Германија“ – месечен билет, кој до крајот на годинава ќе чини 49 евра, а од следната 58 евра, со кој може да се користи јавниот превоз, освен брзи возови, низ целата држава. Тоа значи, со истиот месечен билет од Северна Рајна-Вестфалија можете да се возите и во Баварија, или која било друга покраина, колку сакате и каде сакате. Со тој месечен билет можете да се возите во автобус, метро, трамвај и воз. Целта е насочување на корисниците на автомобили кон јавниот превоз, пренесе Методијев.
Пренесувањето на германските искуства од страна на колегата Методијев се наменети за истражувачка приказна на група македонски новинари посветено на аерозагадувањето, коешто е рангирано на второ место на листата на причинители на голем број болести на граѓаните и дел од нив со фатални последици.
Убавка Јаневска
Автор на фотографии од Бон, Германија: Александар Методијев