ЗГ„Акцијаш ветерани“ насади 80 јасени за 80 години слободен Велес
Дваесет акцијаши ветерани на велешкото граѓанско здружение „Акцијаш ветерани“, денеска, изведоа доброволна работна акција на Спомен Костурница во Велес. За неколку часа засадени се 80 садници на јасен, од левата страна на скалите од платото до спомен обележјето во Велес посветено на загинатите борци , партизани, во Втора светска војна.
-Акцијата ја изведовме во координација со Народен Музеј Велес и со општината. Трасата на која работевме беше левата страна на земјената површина, до скалите, по кои се искачуваат граѓаните на нашиот град и секако туристите,од платото до споменичниот објект. Засадени се 80 јасени посветени на 80 години слободен Велес. За неколку часа ги ископавме дупките и ги засадивме дрвјата кои веруваме дека ќе се зафатат затоа што во консултација со стручни лица ни беше соопштено дека временските услови и температурите кои ги имаме во месец декември одговараат за реализација на акции за пошумување на садници, рече Горан Петков претседател на ЗГ„Акцијаш ветерани“ Велес.
Според Петков ова е последна од планираните доброволни или волонтерски акции планирани за 2024 година. Граѓанското здружение ја подготвува програмата за работа за наредната година и набрзо ќе ги соопшти акциите како и трасите кои се планирани за изведување на доброволни акции за 2025 година.
Убавка Јаневска