Образуваните машински техничари, од дуалната паралелка, во СОУ „Коле Неделковски“ со платена пракса и сигурно вработување во „Брако“ и „Маркард Македонија“
Во наредната учебна година 2020/21 нови дваесет и еден ученик ќе имаат можност да се запишат и да се образуваат за техничар за производно машинство во прва година во СОУ„Коле Неделковски“ ,во паралелка за дуално образование. Учениците ќе посетуваат настава во училиште и во истовреме ќе изведуваат пракса во две велешки компании „Брако“ и „Маркард“. Во првата 15 од нив додека во втората шест. Овој нов концепт на образование на учениците им обезбедува школување кое гарантира вработување. Посетата на праксата овозможува машинските техничари по завршување на средно образование да поседуваат квалификации за работа со кои полесно ќе се вклучат во производниот процес во двете компании.
– Стручното образование, со сите реформи кои што се случуваат во овој период, им гарантира вработување доколку тие одлучат да се вработат по завршување на средно училиште но при тоа не ги спречува учениците да продолжат да се образуваат на високообразовните институции или да отворат сопствен бизнис. Компаниите кои се вклучени во програмата дуално образование им овозможуваат пракса во нивните погони со специјално обучени ментори во обезбедени простории за практична настава. Исто така компаниите им обозможуваат превоз, топол оброк и парична надокнада за посета на практичната обука, рече директорката на училиштето Цветанка Ѓакова Панова.
Велешки „Брако“ од минатата година е дел од Програмата за дуално образование кога побара за потребите од работна сила на компанијата да се образуваат вкупно 20 ученици. Од запишаните за профилот машински техничар деветмина од година ќе ја обавуваат практичната настава во компанијата. Тие четири дена во неделата ќе учат во училиштето и еден ден ќе одат на пракса во „Брако“, рече Менаџерот за човечки ресурси ,Владимир Анчев.
-Се надеваме дека годинава ќе имаме поголем интерес кај идните средношколци откако првата година поминува и веќе имаме позитивни приказни за дуалното образование. За денот одреден за пракса учениците ќе добиваат паричен надомест. „Брако“ не очекува од учениците за време на праксата да работат туку да научат како треба да работат. Сите запишани ученици во оваа паралелка по завршување на средното училиште ќе добијат понуда за вработување во „Брако“ со што ако ја прифатат со наполнети 17 или 18 години ќе можат да заработуваат плата, додаде Анчев.
Доколку учениците одлучат во текот на летото 15 дена да одат на пракса ќе добијат дополнителен паричен надомест исто колку и работниците. Ако покажат одлични образовни резултати тие ќе имаа предност да бидат стипендирани за машински и електро инжинери.
Концептот на дуално образование е всушност долгорочен план и копија на образованието од предходниот општествен систем кој обезбедуваше работна сила со тоа што се образуваа ученици според потребите на претпријатијата во градовите.
Во овој нов, прилагоден на денешните услови на живот, се вклучи и германската компанија „Маркард“. Во неа веќе четврта година пракса обавуваат учениците од машинската струка.
-На наше големо задоволство оваа година ги имаме првите четворица ученици кои ќе завршат четврта година и ќе добијат понуда за вработување на работните места техничари за одржување и за алатница или алатничари. Од учениците кои веќе се образуваат исто така понуда за работа ќе добијат и за позиција во одделот за квалитет, рече Тања Пенкова, менаџер за човечки ресурси во „Маркард Македонија“.
Програмата за дуално стручно образование е работена по германски стандарди и се спроведува во партнерство со германската Стопанска комора. СОУ„Коле Неделковски“ е едно од првите пет училишта во Македонија партнер за што доби верификација и ознака преку плочка./У.Ј