Санкционирани четири ланци на маркети со прекршочни постапки за договарање на цени

Четири ланци на маркети се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи, поради што е поведена прекршочна постапка, пишува во соопштението на Комисија за заштита на конкуренцијата.
Според надлежностите пропишани во Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи комисијата изврши ненајавен увид во четири трговски ланци и во една од стопанските комори во која тие се здружени.
„Увидот е извршен поради постоење на сомневање дека неколку ланци на маркети кои вршат трговија на мало со прехранбени и непрехранбени производи го прекршиле член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој забранува картели односно забранува договори и усогласено однесување на две или повеќе претпријатија, а се со цел нарушување на конкуренцијата. При контролата во службените простории на правните лица, извршен е увид во службената документација и направен е и увид во средствата за електронска комуникација при што се пронајдени докази дека истите донеле незаконита одлука која и јавно ја објавиле преку средствата за јавно информирање“, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Контролираните субјекти спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата донеле забранета одлука односно се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи. Тоа се причините за поведената прекршочна постапка.
Комисијата за заштита на конкуренцијата, исто така, соопшти дека интензивно врши контроли кај повеќе правни субјекти кои имаат свој удел во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи и ќе преземе најригорозни мерки и санкции за секое нарушување на конкуренцијата на пазарот како и дека нема да дозволи никакво изигрување на законите на штета на граѓаните.
Дума.мк
