Две општествено одговорни фирми со донации во Велес ќе градат детско и фудбалско игралиште

Објавено на 14 март, 2025 во 12:16

„Делта бет“ со седиште во Скопје и „Пододекор“ од Велес се двете фирми коишто покажале интерес преку донации да изградат детското и фудбалско игралиште во градот. Првото ќе се гради на локација кај  Железничка станица а второто на источната или лева страна на градот, покрај Вардар, веднаш до кошаркарското над паркингот кај Автобуска станица. Советот на Општина Велес на 62 седница донесе одлуки за прифаќање на донациите со вкупна вредност од  6 милиони и 300 илјади денари.

Донацијата за детското игралиште чини 3,5 милиони денари додека за фудбалското игралиште со вештачка трева 2,8 милиони денари.

Градоначалникот Марко Колев им се заблагодари за покажаната општествена одговорност на двете фирми, донатори.

-Покажавме дека имаме добра соработка со приватниот сектор којшто е заинтересиран а и примивме голем број на донации а направивме и голем број на содржини. Јас очекувам овој број на донации и пријателско расположение, помеѓу приватниот сектор и општината, ќе продолжи. Околу Железничка станица ни фали една таква содржина затоа што и градот натаму се шири но и за просторот околу Автобуска станица сме зборувале неколку пати. Мислам дека ќе ги израдуваме и децата од левата страна на Велес да можат да уживаат освен во кошарка и во фудбал,рече Колев.

Градоначалникот Колев изрази надеж дека вакви ефекти ќе имаат и најавите од голем број  фирми кои во моментов преговарале со Општина Велес а ги покани и останатите со зборовите „Ако сакаме да живееме во овој град мора сите да помагаме.“

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.