Комисијата донесе мерки но, само дотур на свежа вода може да го спаси велешко езеро „Младост“

Објавено: 23 јули, 2025, во 15:01 часот

Државата на жиро сметката на ЈПВ „Лисиче“ се очекува да префрли вкупно 10 милиони денари, финансиски средства, откако се потпишани Договори за отстранување на пифтиестата материја од површината на езерските води заедно со трската, помеѓу која што е навлезена голема количина на загадувањето, сечење на дрвјата коишто се наоѓаат во водата на акумулацијата, за чистење на речното корито на Отовичка река и за санација на испустот на брана на езеро „Младост“. Кога ќе бидат префрлени парите засега ЈПВ „Лисиче “ нема информации. Овие информации пред членовите на Советот на општина Велес ги сподели на последната седница претседателката на Комисијата за следење на состојбата со водите во езеро „Младост“, Антоанета Стојанова.

Стојанова ги образложи сите предлози коишто биле дадени на трите одржани седници, по една во изминатите три месеци на Комисијата, во која членови се и вицепремиерот Љупчо Димовски како и пратениците во Собранието на Македонија од Велес. Таа ги образложи и сите подготвени документи кои биле предуслов за добивање на финансиските сретства во висина од 10 милиони денари.

Тоа што може да се заклучи од образложението на Стојанова е дека состојбата со водата во езерото е иста како минатата година додека од расправата во која се вклучија членовите на Советот, да се издвои нивното настојување мерките да се издигнат на ниво на ургентност. Тоа конкретно значи да се настојува државата побрзо да ги даде парите за да започнат обидите за спасување на „Младост“, да се постапи по предлогот на Центар за јавно здравје за лабораториско испитување на примероци на водата поради утврдување на присуство на цијанотоксини и да се инсистира државата да ја продолжи изградбата на хидромелиоративниот систем „Лисиче“ со цел поскоро да се изгради цефководот кој во езерото ќе овозможи дотур на свежа вода.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.