ДЗСИ за утре најави став за маркетот што во Велес работи откако тестовите на шест продавачи покажаа дека се заболени со „Ковид 19“
Објавено: 20 април, 2020, во 15:37 часот
20.04.2020
Пред да излезе со конкретен став, најавен најдоцна до утре, вторник 22 април, Државниот здравствен и санитарен инспекторат денеска очекува неколку документи од фирмата, која работи во големиот маркет во Велес што од 12 април годинава го има првиот а потоа и уште 5 потврдени заболени работници од „Ковид 19“. Фирмата ќе треба писмено да докаже кога ги пратила во изолација заболените, што превзела согласно мерките и препораките за борба против Ковид 19 на Владата и какви постапки спровела за заштита на останатите работниците, на стоката што ја продава и купувачите што пазарат.
Според директорката на инспекторатот,Ирина Сотирова Бухова , потоа здравствената институција ќе излезела со официјален став. Тоа не треба да биде подоцна од утрешниот, прв, работен ден, по деновите во кои и вработените во маркетот исто како и граѓаните на Велес се дома, поради велигденските празници и прогласениот најдолг полициски час во услови на коронавирус во државата.
Ова е единствената институција во државата што досега даде прва и куса информација поврзана со состојбата со маркетот во Велес во кој остантите 31 вработен биле во паника откако пред осум дена нивна колешка што работела на деликатес, штом се вратила од погреб во Куманово, била првата со позитивен тест на „Ковид 19“ додека по неколку дена се појавила втора вработена а потоа и работници од одделот за месо како и на тезгите од пиљарата.
Деновиве со позитивни тестови на „Ковид 19“ биле и членови на семејствата на дел од заболените продавачи.
На социјалните мрежи веќе неколку дена велешани ја коментираат состојбата во овој маркет и најчесто во нивните постови или коментари се бара да бидат официјално соопштени информациите за кој маркет станува збор. Дел од коментарите се во прашална форма и содржат барање за превземање на мерки со споредба во текстилната компанија или Центарот за јавно здравје во Велес кои со еден, два или три потврдени случаи на „Ковид 19“ веќе не работат. Сопственикот на текстилната фирма и управата на Центарот за јавно здравје сами одлучија да не работат.
Но за разлика од нив, според Државниот здравствен и санитарен инспекторат, сопствениците на фирмата која работи во маркетот, по првичните контакти со нив, соопштила дека нема да ги затвори вратите туку утре ќе ги отвори за внатре да влезе комплетно нов персонал додека објектот механички ќе се дезенфицирал. Тоа ќе се случи откако во саботата, на 18 април, сопствениците повикале екипа на „Систина“, која пред маркетот ги тестирала 31 вработени и тестови биле негативни.
Како што дознаваме по констатираниот првозаболен во маркетот бил преполовен бројот на работници со тоа што останатите биле пратени на користење на летниот дел од годишниот одмор. И токму тие ќе треба утре да се вратат на работните места за да ги заменат нивните колеги кои работеа додека останатите, до денеска седеа дома.
И покрај неколку пати завртениот број на мобилниот телефон на менаџерката на маркетот денеска не успеавме да стапиме во контакт со неа за да ги слушнеме точните информации поврзани со актуелната ситуација./У.Ј


