(Видео) Двор и куќа на „Камка Тоцинова“ претворени во депонија со смет – еден сопственик на куќа им го ремети животот на останатите соседи

Објавено: 8 август, 2025, во 15:02 часот

Двор и куќа на улица „Камка Тоцинова“ со реден број 40, во велешката населба Керамидна, се затрпани со смет и отпад. До убавата, нова куќа, тешко се влегува од влезната порта. Сопственикот на оваа, една од триесетте куќи, во опкружувањето, направил мини депонија во која има стара неупотреблива дограма, штици, греди, пластични садови, најлонски ќесиња и вреќи во кои е собран смет, ќерамиди, бакарни, железни, порцелански предмети како и друг вид на очигледно собран од контејнери и донесен смет во дворот.

Сопствениците на двете соседни куќи, со редни броеви 38 и 40, на овој дел од улицата „Камка Тоцинова“, се најпогодени од депонијата во дворот на соседот. Тие на своите оградни ѕидови дополнително ставиле заштитни мрежи и за Дума.мк тврдат дека со години се обидувале да го разубедат соседот да го исчисти дворот. Бидејќи неуспевале во намерата започнале редовно да ги прскаат оградите и дел од површината до оградниите ѕидови со хемиски препарати за да се спасат од глувци и други видови на глодари. Но сега се плашат дека во дворот на соседот претворен во депонија има и змии коишто можат да ги каснат нивните деца и внуци како и дека случајно фрлање на опушок може да предизвика пожар.

Во видео изјава за Дума.мк соседите раскажуваат за секојдневниот живот на овој дел од улицата.  

Овие Велешани велат дека не можат повеќе да живеат во вакво опкружување.

Граѓаните побараа надлежните да превземат законски мерки и да го исчистат дворот на нивниот сосед а тој да си плати за чистењето кога веќе над една деценија не успеваат да воведат ред на улица „Камка Тоцинова“.

Дума.мк испрати новинарски прашања до Општина Велес за тоа што ќе биде превземено за воведување на ред и како ќе постапат во случајот за исполнување на барањата на соседите кои се однесуваат на целосно чистење на малата депонија во дворот и во куката на овој Велешанец со цел да не се предизвика пожар и да се обезбедат хигиенско здравствени услови за живот на 30-тина околни куќи.

Одговор од Општина Велес до моментот на објавување на информацијата не стигна. Доколку стигне, дополнително ќе биде објавен.

Оваа улица е една од повеќето во населбата Керамидна во Велес каде куќите се изградени плански. Тие се нови градби со убаво уредени дворови. Општината ја бетонирала улицата на која очигледно е дека жителите се грижат за одржување на хигиената.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.