(фото) Кавадаречките пожарникари постојано на терен, гаснеа пожари на повеќе локации низ државата
Објавено: 18 август, 2025, во 11:31 часот
Во текот на изминатата недела, екипите на противпожарната служба од Кавадарци покажаа извонредна посветеност и пожртвуваност, интервенирајќи на повеќе критични точки низ државата. И покрај зголемениот број на повици и намалениот број на расположливи луѓе поради чести интервенции надвор од општината, сите ангажмани беа навремено покриени, без оставени последици по граѓаните и имотот, објаснуваат од кавадаречката противпожарна единица.

-Во околината на градот беа гаснети неколку пожари на отворен простор каде што гореше сува трева и запалени стрништа. Благодарение на брзата реакција, спречено е проширување на огнот и настанување на поголеми пожари. Поголема интервенција беше извршена и во Македонски Брод, каде што пожарникарите неколку дена деноноќно се бореа со пожар кој зафати ниска и висока шума. Нашите екипи работеа како поддршка на колегите од тој регион, ротирајќи се во тимови за да се одржи континуирана борба против огнот, додаваат оттаму.

Истовремено, пожарникарите интервенираеле и во ловиштето Јасен, каде што пожарот зафатил големи површини. На терен биле распоредени специјализирани возила и противпожарни тимови, потпомогнати од припадници на МВР – ПЕП. Во овој регион, пожарникарите неколку дена воделе директни борби со огнот, правејќи и противпожарни пресеки за да се спречи неговото ширење кон поширокиот предел.

Покрај овие ангажмани, два тима пожарникари со три теренски возила биле испратени во Тетово, како поддршка на локалните сили во гаснење на шумски пожари и сува трева во селата Јажинце и Рогачево. Таму, пожарникарите останале ангажирани на терен повеќе денови.

-Во меѓувреме, беа регистрирани и две интервенции на запалени куќи во градот. Благодарение на навремената интервенција, не беше дозволено целосно изгорување на објектите, ниту проширување на огнот кон соседните куќи. Исто така, нашите екипи интервенираа и при запалено патничко возило, како и при пожар на товарен камион на автопатот, при што успешно беше локализиран огнот и спречени се поголеми материјални штети, објаснуваат од ТППЕ Кавадарци.

Паралелно со сите овие активности, се одвивала и обука на новата група сезонски пожарникари. Обуката се состои од теоретска и практична настава, како и проверка на физичката подготвеност на кандидатите. Како што ојбаснуваат од ТППЕ Кавадарци, обучувањето продолжува и во наредниот период со цел обезбедување квалитетна и подготвена кадарска основа за справување со идни предизвици.

Стефани Манева


