Министерот Љутков направи увид во состојбата на спомен куќите во Велес, првичните оценки се дека тие се добра состојба (видео и фото)
Објавено: 3 септември, 2025, во 15:51 часот
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со директорот на Националниот конзерваторски центар Александар Јорданоски и директорот на Народен музеj Велес Ангел Коруновски ги посетија спомен куќите на Васил Главинов, на Јордан Хаџи Константинов – Џинот и на Кочо Рацин во Велес во кој што реализираа увид на состојбата во која се наоѓаат овие културни споменици на градот.
Директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски соопшти информации за работата на оваа културна институција во трите објекти во Велес во кои се реализираа конзерваторски активности.
-За оваа година ние како Национален конзерваторски центар во Велес реализираме три проекти. Во моментов се работи на конзервација на Куќата на Аликара или сега на семејството Апасиеви,за која се обезбедени околу 4 милиони денари. Во тек се конзерваторско-реставраторските процеси но се работи на многу стари објекти почеток на 20 век. Така што кога започнуваат конзерваторски интервенции се откриваат и непознати делови каде што требало да се интервенира, затоа што тоа се стари објекти. Во моментот се прави еден проект за статичка стабилизација и конструктивна стабилизација на објектот на оваа куќа, а кога ќе заврши таа активност ќе се продолжи со реставрација на куќата на семејството на Апасиеви, рече Јорданоски.
Директорот додаде дека се работи и на манастирската црква во манастирот „Свети Димитрија“ на истражување на фрескоживописот со недиструктивни методи.
-Зошто, што пред десетина години е откриен двослоен фрескоживопис во припратата – влезот на црквата, а точната година е 1297 година.За да не одиме со деструктивни методи се обидовме оваа година со термо камера да откриеме двослоен фрескоживопис.Но произлезе дека таа метода не е практична за ова истражување па ќе продолжиме со останатите.Мануелните методи никогаш не се на одмет да се случат ако другите не дадат резултати.Затоа ќе продолжиме со такви истражувања,најави Јорданоски.
Директорот на музејот Ангел Коруновски истакна дека Спомен куќата на Кочо Рацин е најпосетена од ученици при реализација на ученички екскурзии. Коруновски додаде дека планира ставање во функција на посетители и на две Спомен куќи, на Васил Главинов и на Јордан Хаџи Константинов-Џинот како и куќата на Касапови или „Куќа што лебди“.за што очекува поддршката од Министерството за култура и Националниот конзерваторски центар во делот на нивна адаптација.
Убавка Јаневска


