Во паркот Нара во Јапонија наместо туристи уживаат елени
Наместо туристи, во јапонскиот парк Нара уживаат прекрасни елени. Оваа фасцинантна сцена ја забележал јапонскиот фотограф Казуки Икеда.
Видеото кое тој го снимил прикажува голем број елени кои уживаат во расцутените црешови дрвја, а еден од нив грицкал крекери кои фотографот ги донел во паркот.
Тој ден, Икеда организирал фотосесија, правејќи прекрасни снимки од една венчавка. И додека младенците биле изворниот фокус на снимањето, во очите на корисниците на интернетот, елените станале главни ѕвезди, пишува “Bored Panda”.
Во Нара, главниот град на истоимената покраина живеат нешто повеќе од 1000 елени. Тие се главна атракција и освен во паркот, често можат да се забележат и на улиците. Елените во Нара се сметаат за национално богатство, питоми се и можат да се хранат.
Паркот инаку изобилува со туристи, а оваа локација поради прекрасните црешови дрвја е прогласена и за “Инстаграм локација за најдобри фотографии”. Но, поради пандемијата на коронавирусот, елените сега уживаат во мир и тишина во убавината на природата, без бројните посетители.