Ј.П. Комуналец Кавадарци со апел до граѓаните: Комињето да не се фрла во мали контејнери

Објавено: 23 септември, 2025, во 09:02 часот

Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци упатува апел до граѓаните да не го исфрлаат комињето во стандардните мали контејнери од 1.1 м³ поставени низ градот, бидејќи тоа предизвикува протекување на течности и создавање непријатна миризба, особено во топлите денови.

Од претпријатието посочуваат дека комињето, како специфичен тип отпад, бара поинаков начин на постапување, со цел да се избегнат еколошки и санитарни проблеми во урбаната средина. За оваа намена, граѓаните имаат на располагање поголеми контејнери од 5 и 7 кубни метри, кои се поставени на неколку локации во градот.

Поточно, граѓаните кои имаат помала количина комиње можат да го одложат во поголемите контејнери поставени на следните локации, во село Ваташа, кај игралиштето Калница и на Северен Булевар, спроти депото на „Паркинизи“. Доколку станува збор за поголеми количини, „Комуналец“ апелира отпадот да се транспортира директно на депонијата „Мелци“.

-Апелираме до граѓаните комињето да не го исфрлаат во контејнерите од 1.1 м³, бидејќи доаѓа до протекување на течноста и се создава непријатна миризба. За помали количини може да се користат контејнерите од 5 и 7 м³ на предвидените локации, а поголемите количини да се носат на депонијата Мелци, се наведува во известувањето од Ј.П. Комуналец – Кавадарци.

Од претпријатието апелираат на совесност и соработка од страна на граѓаните, со цел да се зачува хигиената во градот и да се спречат дополнителни непријатности.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.