ОИК Велес: На локалните избори има 44.950 избирачи, немоќните и изнемоштени граѓани поднесуваат барања за гласање дома
Објавено: 29 септември, 2025, во 16:35 часот
На претстојните Локални избори 2025, закажани за 19 октомври, во Општина Велес ќе можат да гласаат 44 илјади 950 граѓани со право на глас на 83 избирачки места кои што се наоѓаат во 47 објекти на територијата на општината. Споредено со претходниот изборен циклус, последните парламентарни избори, во велешко има едно избирачко место помалку. Затворено е избирачкото место во село Р`левци, затоа што наместо 10 има 7 избирачи, кои ќе гласаат во село Бузалково. Промена е направена и на уште едно место. Иако останува во Башино Село, избирачкото место од зградата на училиштето е префрлено во просторијата на месната заедница.
Граѓаните со право на глас во Општина Велес ќе можат да се определат за еден од тројца кандидати за градоначалник и за една од вкупно 10 Листи со кандидати на политички партии.

Претседателот на Општинска изборна комисија Велес, Пепи Димков вели дека кај предложените кандидати за Градоначалник доминираат жените поточно од вкупно тројца кандидати две се жени додека еден кандидат е маж наспроти родовата застапеност на предложените Листи за членови на Совет на Општина Велес каде поголем е бројот на кандидати мажи.
-Познато ви е дека кандидатите за Градоначалник на Велес се вкупно тројца од кои две се жени и еден е маж додека на 10-те Советнички листи од вкупно 230 кандидати за членови на Совет на Општина Велес 124 се припадници на машкиот пол или 54% додека 106 се припаднички на женскиот пол или 46%. Подготовките за спроведување на изборите течат. Од 4 септември, започна и во моментов сеуште тече обуката на вкупно 830 членови на Избирачки одбори кои на 19 октомври ќе бидат директно вклучени во реализирање на изборниот процес на 83-те избирачки места на територијата на општината, додаде Димков.

Тој нагласи дека од 26 септември започнато е пријавувањето за гласање на изнемоштените и немоќни лица во домашни услови. Постапката ќе трае до 10 октомври, на полноќ. Најблиски на оваа категорија граѓани доаѓаат во просториите на Општинската изборна комисија, која се наоѓа во објектот до Подрачна единица на Државен Архив на Македонија, од каде подигнуваат образец – Барање за потоа да го комплетираат со личен потпис на лицето како и со потребната медицинска документација поточно Медицинска потврда од лекар специјалист или со Потврда дека се корисници на туѓа нега или на мобилност. Општинската изборна комисија работи двосменски.
Исто така, денеска започна дваесетдневната изборна кампања за Локалните избори 2025 закажани за 19 октомври.
Убавка Јаневска


