(Видео) Режисерот Максимовиќ: Велес е градот на моето детство и младост со незаборавниот вкус на пастрмајлијата и мирисот на „Маслодајна“

Објавено: 2 октомври, 2025, во 16:07 часот
Фото: Слободан Максимовиќ со сопругата Симона

Македонска премиера на играно документарниот филм „Правослован“ на словенечкиот режисер Слободан Максимовиќ, вчера вечер, се одржа во „Киноверзум“ во Велес. На премиерата успеа да стигне и да присуствува режисерот Максимовиќ со сопругата Симона и покрај поместувањето на авионскиот лет од Љубљана до Скопје. Се оствари неговата желба токму во родниот град на мајка му, Левтерка, со моминско презиме Димова, да биде прикажано неговото филмско остварување пред проекцијата во Скопје, во рамки на официјалната годинешна програма на фестивалот „Киненова“.  

Непосреден и искрен во комуникацијата, професионален но сепак едноставен во одговорите на новинарските прашања, Максимовиќ, откри дека за Велес го врзуваат бројни убави спомени. Од детството и од младоста кога неговите вујко и вујна заедно со братучедите му укажувале гостопримство. Иако вели дека малку зборува Македонски јазик сепак Максимовиќ во неформалната комуникација покажа дека многу добро го владее. Нагласи дека по татко е  Босанец, Сарајлија, а по мајка Македонец, кој се образувал на Академија во Љубљана и сега живее, работи и создал семејство со сопругата Симона во Словенија.

Фото: Слободан Максимовиќ со сопругата Симона и братучедот Зоран Димов

„Мајка ми е жива, секако и неа и е драго што одлучив, барав и еве се случи премиерното прикажување во Македонија на овој играно документарен филм, за животот и кариерата на Зоран Предин кој е еден од најважните југословенски кантавтори и член на бендот „Лачни Франц“, да се одржи во Велес. Тука се моите братучеди и тоа едноставно така треба да биде“, рече Максимовиќ. Тој додаде дека голема желба да дојде во Велес имал и главниот лик во филмот, неговиот добар пријател Зоран Предин. Тоа што го спречило бил синоќешниот концерт во „Лисински“ во Загреб. Предин ќе му се придружи на Максимовиќ, попладнево, во Скопје на фестивалот „Киненова“.

Фото на Нова.рс : Зоран Предин

Максимовиќ е прескромен кога зборува за неговото режисерско творештво засега составено од 21 играни, документарни, краткометражни и долгометражни филмови и серии како и за сценариското авторство составено од 17 филмски сценарија. Тој е номиниран и наградуван на филмски фестивали во Словенија, во Босна и Херцеговина, во Австрија, во Грција, во Италија и во други европски држави. Светската премиера на „Праслован“, поддржан од Словенечкиот филмски центар, се одржа минатото лето, на 30-тиот Сараевски филмски фестивал.

Дума.мк го прашаше и за тоа што сега работи и што планира во скора иднина на полето на професионалната реализација. Максимовиќ одговори и на прашањето што прво го асоцира на зборот Велес.

Инаку филмот „Праслован“ е емотивен и инспиративен биографски филм што го следи животот и кариерата на еден од најважните југословенски кантавтори – Зоран Предин. Филмот го следи патот на Предин од неговата младост во Марибор, каде што ја започнал својата музичка кариера, до врвот на неговата слава со бендот „Лачни Франц“ и соло кариерата што го направила икона на музичката сцена. Преку ретроспектива на неговите најголеми хитови, филмот покажува како неговите песни ги одразуваат општествените промени и личните пресврти. Филмот завршува со интимен поглед на животот на Предин, вклучувајќи ги подемите и падовите како и влијанието што го имал врз неговото семејство и пријателите. Филмот „Праслован“ го носи насловот на една од најпознатите композиции на „Лачни Франц“.

Слободан Максимовиќ е режисер и автор на сценариото на „Праслован“. Продукцијата на филмот е на Инвида, РТВ Словенија, Јака продукција, Филмска фабрика, 001, Визуалист и Густав Филм. Засега ова филмско остварување ја има освоено наградата на публиката (2024) на ФСС Порторож, прикажан во официјална конкуренција на Филмскиот фестивал Сараево (2024) додека премиерно отвари бројни филмски фестивали во Хрватска и Србија.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.