Од наредна недела ќе се плаќа 18 отсто ДДВ на пратките од „Тему“ и „Али експрес“ – Усвоени законските измени
Објавено: 19 ноември, 2025, во 14:15 часот
Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра. Ова ги опфаќа Тему и АлиЕкспрес, најпопуларни платформи за онлајн пазарување кај нас.
-Целта на овие законски измени се зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места. Спроведувањето на измените се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании. Со укинувањето на ослободувањето, околу 4 милиони денари месечно, колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените, соопшти Министерството за финансии.
Оттаму додаваат дека досегашниот систем дозволувал можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продавале на домашниот пазар, а новите законски решенија ќе ја спречат оваа пракса.
Измените се очекува да стапат во сила наредната недела.
Дума.мк

