Прекумерна тежина и лошо држење на телото се најчести отстапки во физичкиот развој на училишните деца во Велес, Чашка и Градско

Објавено: 30 септември, 2026, во 09:20 часот

Дебелина, со боди маст индекс над 25 и лошо држење на телото продолжуваат да бидат најчести откриени отстапки во развојот на децата на училишна воздраст на систематските прегледи кои што ги врши Службата за училишна превентивна заштита на Здравствен дом Велес. Причини за ваквата состојба се како брзата храна така и практиката на децата поголем дел од денот да го поминат во седење , со телефон во рака, пред лап топ, компјутер, таблет и телевизор. Потребна им е игра и физичка активност, констатира др Татјана Самаракова, началничка на оваа служба во јавната здравствена установа.

-Советуваме зголемената телесна тежина да се надмине со воведување на правилен начин на исхрана. Тоа значи што помалку конзумирање на тестенини, леб, кифли, сендвичи, грицки и сокови а што повеќе домашно приготвена храна, овошје и зеленчук. Особено е важна физичката активност значи што повеќе време поминато во игра и спортување. Не мора децата да членуваат во спортски клуб за да имаат физичка активност. Во градот има доволно спортски терени и содржини за да се излезе од домот и децата да се организираат за игра во слободно време. Да имаат спортски игри освен кога се спортува да речеме во спортски клубови каде што се одржуваат групни тренинзи, рече д-р Самаракова.

Кај првооделенците се забележува првична промена во тежината која отстапува од пропишаната според висината но нема лошо држење на телото или некој деформитет додека првите посериозни отстапки се откриваат кај децата во трето одделение и се сериозно изразени веќе во седмо и во деветто одделение.

-Лошото телесно држење е присутно кај многу деца во седмо и деветто одделение што е поврзано со интезивното растење кое што предизвикува сколиози и кифози ако детето не го промени начинот на живеење и исхрана. Тогаш веќе ги препорачуваме прегледите кај специјалисти физијатри или ортопеди доколку воочиме деформитети за да спречиме овие аномалии да продолжат во понатамошниот раст и развој на детето. Кога има сколиоза или кифоза тоа значи предизвикување на промена на органите во телото а штом е анатомијата и физиологијата променета тогаш се појавуваат проблемите со кичма, се јавуваат болки во грбот и се пореметува статиката на телото, додава д-р Самаракова.

Овие состојби Службата за училишна превентивна заштита на Здравствен дом Велес ги констатира при систематските прегледи на училишни деца на територијата на општините Велес, Чашка и Градско. Не се нови затоа што како аномалии се откривани подолг временски период кај поголем број на генерации на деца. Лекарите апелираат до родителите да ги предупредуваат и мотивираат децата на правилна исхрана и секојдневна физичка активност.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.